Ракометната федерација на Словенија (РЗС) најави дека по неуспехот во квалификациите за ОИ Токио, каде беа убедливо совладани од Германија и Шведска, ќе почне со промени и подмладување на составот.
Асистентот Урош Зорман беше првиот што го загуби своето место во репрезентацијата на Словенија, затоа што наводно влечел конци и потези зад грбот на селекторот Љубомир Врањеш. Toj е заменет со Грегор Цвијиќ, а Врањеш денеска го објави првиот список за крајот на квалификацискиот циклус.
Дали почна подмладувањето или по принципот на неколку селекции како Данска, Норвешка, Франција (заслужена) пауза и одмор добиваат повозрасните играчи ќе покаже времето. Колегите од Словенија, како и да е, новиот список на Врањеш го гледаат како почеток на промените.
Љубомир Врањеш за двата дуела со Турција и мечот со Полска по што ќе биде познато и во кој шешир ќе завршат, избриша неколку познати имиња.
Дејан Бомбач, Драган Гајиќ, Ник Хенигман, Дарко Цингесар, Матиц Сухолежник и Рок Овничек овој пат не добија покани. Барем за тројца (Бомбач, Гајиќ, Цингесар) веќе се шпекулираше дека ќе им биде замрзната репрезентативната кариера.
Повикани во тимот, на нивните места се: Вид Потеко, Грегор Оцвирк, а повратници се Борут Мачковшек, Матиц Грошељ и Кристијан Хоржен.