КОМЕНТАР: КРИЗА ОД ВАРДАР ДО ТРИГЛАВ (5)

Што се случува со балканскиот ракомет? Моменталните позиции на клубовите и репрезентациите од државите од регионот никогаш не биле полоши.  Дали  причината е слаба сезона или нешто друго, подлабоко и поопасно? Фактичката ситуација е следна, на мундијалот во Египет прв пат по 1997 година немаше балкански тим во Топ 8, на Олимписките игри во Токио прв пат по 1992 година нема да има машка репрезентација од овие простори. 
Во Лигата на шампионите ниту еден клуб не мина во 1/4 финалето со катастрофален скор на терен без меѓусебните дуели од три победи две нерешени средби и дури 34 порази. 
Минативе денови неколку еминентни новинари од Словенија, Хрватска, Србија и Македонија го кажаа своето мислење, денеска ја заокружуваме целата приказна. 



Има ли криза во балканскиот ракомет? Тој што не ја гледа денеска, ќе ја види кога ќе не нема. А со вакво темпо, за две сезони нема да има директно место во ЛШ за балканските клубови. Ракометниот воз „Snowpiercer“, во кој балканските клубови полека ги напуштаат предните вагони, влегува на територија во која долго ќе се возат во тунели и само одвреме навреме ќе видат малку светло. 
СЛОВЕНИЈА  веруваме ќе биде најпогодена од Ковид кризата и се околу неа затоа што тие, барем гледано од Скопје веќе имаат етаблирано систем, живеат најпазарно и се потпираат на својот труд и база. Две години заклучени врати за младите категории сигурно ќе има влијание, но тие имаат и најголем потенцијал најбрзо да излезат од тунелот. 
ХРВАТСКА, со последната одлука на 10 од 11 члена на УО, да го прекинат првенството на  месец ипол покажа дека кај нив ништо не се променило во последните 20 години, таму одамна има „алфа“ што ги држи конците. Сите славни ракометни имиња, а кај нив ги има многу, на крајот на денот ќе ја прифатат познатата парола „ако не можеш да победиш, приклучи се на победникот“. 
СРБИЈА ќе чека помош од државата за да ги приклучи кон европските натпреварувања своите клубови. Засега живеат од ветувања за подобро утре во кое ќе играат некаква улога, а во меѓувреме реалноста им станува се поблиска до таа на БиХ и Црна Гора кои речиси и немаат клупски ракомет. 
МАКЕДОНИЈА....
Кај нас од памтивек работите се поставени на една основа на која се се сведува на инстантно бркање на резултат на сметка на се друго. Никој не може нити пак ја оспорува вредноста на тоа што ќе се постигне на терен, но кога тоа кај пола од екипите на европска сцена ќе се преслика во ракометен туризам веќе во второто коло добиваме и нов агол од кој можеме да ги гледаме работите. 
Концептот играње на резултат во принцип се претвора во трошење на добар дел од буџетот за купување на странски играчи од кои грото не се ни репрезентативци во своите држави, а овде се носителите на играта и најдобри стрелци. 


Но, за да дојдеме до моментот во кој сега живееме, мораме да се навратиме на тоа што го преживеаме. 
Минатава деценија видовме два поинакви концепти од двата клуба што се дел од перјаницата на македонскиот ракомет.
Едниот е по системот многу пари. И тој донесе, еуфорија, светски ѕвезди, финален резултат - две шампионски титули плус едно полуфинале на ЛШ што е врв на сите дотигнувања. Имаше се што ракометниот фан може да го посака и ќе остане запишано како „златно“ време. 
Но, тој концепт се покажа финансиски неодржлив на подолго време. 
А, патем, колкав беше придонесот за заедничкото чедо на сите клубови - репрезентацијата?
Тоа заврши и сега веќе - нема многу пари, но има многу долгови. И таа приказна за жал не е завршена. 


Златната ера заврши, сега треба нова формула или ЛШ ќе стане недостижна

Вториот концепт требаше да биде многу работа. База од домашни играчи, засилени со скап тренер и неколку странци што ќе додадат квалитет плус. Имаше отстапки во буџетот по тој поглед, се наоѓаа скратени патчиња, имаше слепи улички, не видовме титули ниту отиде до Келн, но видовме дека може за осум минути да се распродаде сала, за убави пет цифри од Скопје да се скокне директно до РНЛ или да се инкасираат шест цифри на салдо, на пример од Нексе...
Репрезентацијата, пак, буквално треба во наредните години да живее од него и тоа е најголемиот придонес. 
Ова беше најкритикуваниот и најоспоруваниот концепт. Нема кој не фрли камен кон него. Се напаѓаше и со сарказми, потсмев, но и со (богати) понуди до играчите, заклучно со еуфоричното противење на тактиката, конкретно „7 на 6“ во која бевме први и ја игравме најдбро во тој период. 
Сега речиси и да не остана ништо ниту од концептот ниту од тактиката. Иако, „7 на 6“ глобално преживеа и сега секој сериозен тренер едноставно мора да ја знае или ќе остане заробен во минатото по примерот на „брзиот центар“ и целата транзиција што тој ја донесе и за која и по 20 години од инсталирањето во играта можеме да слушнеме дека е „модерен“ ракомет. 
Позитивно е што и еден друг, нов млад клуб тргна по сличен концепт пред две години. Постави база за развој на млади играчи, имаше одличен проект, освои многу симпатии, но веќе по првата сезона се судри со реалноста во која резултатот е најважното мерило. 


Сите бараа маани и се потсмеваа на концептот што даде најмногу репрезентативци

Што ќе се случи сега кога Вардар веќе нема 5+ милионски буџет, Металург ја нема базата, а Е. Пелистер годинава имаше прв судир со поинаква реалност од таа во која живееше и кога сето тоа го видовме преку неговото височество резултатот? 
Сите сигнали велат дека проблемот, кризата ќе се решава со проверениот рецепт -  купување на играчи. Но, тоа нема веќе тоа да бидат ѕвезди кави што доаѓаа директно од Барселона или Кил, ќе бидат некои нови поефтини и понепознати играчи што ќе доаѓаат од понепознати средини, вклуичително со неевропски решенија. 
Од тоа што Вардар веќе почна да го реализира, можеби ќе биде подобро можеби нема, но разлика во класи нема да има и следствено нема да биде многу поразлично од сега. Најавите се слични и од Битола и таму следи голема реконструкција и ќе заминат многу играчи, а ќе дојдат нови.  
Играчки смени и тоа големи ќе има, но, што ќе биде со делот од македонските репрезентативци што беа купени, а веќе нема да требаат? 
Ако повнимателно загледате ќе видите дека ги имаме сите потребни состојки за успешно да се направи нова дупка во репрезентацијата, налик на таа што ја имаме во моментов. А таму имаме играчи од 24 и потоа од 34 години...  
Во овој дел, сепак, сме помирни затоа што РФМ покажа сериозна грижа за младите категории, иако базата за репрезентацијата е во клубовите, а нивната сила не лежи во домашните играчи. 


Домашниот продукт треба да биде најдобриот, но...

Би сакале најдобриот продукт од македонскиот ракомет да биде домашното првенство. 
Би сакале место „имавме најинтересно првенство“ во кое сепак интересното го прават готови или полуготови играчи претежно од соседството, да можеме да кажеме дека имавме првенство со добро организирани клубови. Клубови што дел од буџетот го користат за да постават повисоки стандарди во поглед на логистика, услови, дека сакаат што почесто да се на ТВ, опремиле своја теретана, свои бази од петлиња до јуниори, ангажираат повеќе тренери и го подобруваат квалитетот заклучно со производство на играчи за репрезентација.
Повеќе ни се допаѓа тој концепт отколку да го имаме вечното „Х го победил Y“ во некоја заборавена сала со исцртан под со линии за сите можни спортови. По големиот „триумф“ победниците ќе ликуваат додека не ги начека некој сличен на нив, во некоја сала во која нема доволно светло ни греење.
А другите, пак, ќе се правдаат пред спонзорот дека судиите ги украле или потфрлил овој или оној играч и мора да го сменат со друг подобар што ќе дојде од којзнае каде... Или најомилената меѓу најомилените - тренерот е виновен, не го бива и мора да се смени. Под итно. Се друго нека биде ко што било. 

Репрезентацијата ја гледаме како светла точка во поглед на организираноста. Вклучувањето на поранешните репрезентативци во стручниот штаб, поддршката што ја имаат од РФМ прави со нетрпение да го очекуваме следниот потег. Но и таа предолго се вози блиску до работ. ЕП 2020 беше своевидна опомена, ЕП 2022 мора да биде поинаква приказна. 

Има уште многу што да се додаде на темава. Соочувањето со пазарно живеење,  едукацијата, помош на тренерите, доверба во домашниот производ, трпеливост и разбирање од финансиерите, заедничка заложба домашното првенство да биде на ниво... Ќе има и други можности да се зборува, пишува и размислува на темата... 




Автор: Ричи Ѓамовски

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk