Криза од Вардар до Триглав (3) - Србија

Што се случува со балканскиот ракомет? Моменталните позиции на клубовите и репрезентациите од државите од регионот никогаш не биле полоши.  Дали е причината слаба сезона или нешто друго, подлабоко и поопасно? Фактичката ситуација е следна, на мундијалот во Египет прв пат по 1997 година немаше балкански тим во Топ 8, на Олимписките игри во Токио прв пат по 1992 година нема да има машка репрезентација од овие простори. 
Во Лигата на шампионите ниту еден клуб нема да мине во 1/4 финалето со катастрофален скор на терен без меѓусебните дуели од три победи две нерешени средби и дури 31 пораз само во групната фаза на трите перјаници на Балканскиот ракомет, Вардар, ППД Загреб и Целје. Во Европската лига, ниту еден клуб не го мина 1/8 финалето.
Резултатите од 1/8 финалето, пак, во ЛШ, го зцрвенеа и небото над некогашната Југославија. Минус 14 на Вардар, минус 13 на Целје, а ППД Загреб подобро и што не играше со Флензбург... 
Со ваков ритам, за две сезони нема да има директно место во ЛШ за клубовите од Балканот...
Во наредните денови, пет еминентни новинари од Словенија до Македонија ќе ви ги пренесат своите погледи на кризата на ракометот во своите земји.



АКО Е ЗА УТЕХА, ПОЛОШО НЕ МОЖЕ
Пишува Жика Богдановиќ, главен уредник на ракометниот портал Balkan-handball.com

Состојбата во српскиот клупски ракомет може најдобро да се опише со податокот дека дури девет играчи од кадетската генерација 2002 доаѓа од странски клубови. Српските клубови ги нема на меѓународната сцена веќе со години. Сред пандемијата, пак, ниту еден машки клуб од Србија не се пријави за настап во европските купови. Ниту еден клуб во Србија не може да се пофали со буџет од ниту 500.000 евра, што е основа за да се игра некоја улога во европските купови. Пониско и полошо од тоа - не може. 

Квалитетот на составите на Војводина, Железничар, Металопластика, Партизан и Динамо, меѓутоа има одредена тежина и што се однесува до тој момент, српскиот плеј оф ќе има одреден ниво и ќе биде интересен. 
Пар искусни интернационалци како Прибак, Веркиќ, Стојановиќ, Вучковиќ, Митровиќ покрај солидниот број талентирани играчи какви на Србија никогаш не и недостасуваат го прават интересно домашното првенство. 

Но, матрица по која размислуваат сите е дека играње во Европа во ваква ситуација е фрлање на пари. Постојат индиции дека државата би можела финансиски да ги освежи клубовите за настап во европската сезона следната година.
Во овој момент извесно е дека Војводина со овој состав би можела да се вмеша во борба за пласман во групната фаза на Лига Европа. Со евентуално поголем буџет можеби и да стане тим за респект во второто по квалитет европско натпреварување. И другите наведени клубови „дишат“, имаат некои развојни планови, што може само да радува. Енергијата е подобра отколку пред неколку години.

Железничар годинава се бори и за врвот и за опстанок во живот

Што се однесува до Лигата на шампионите, неа не е реално да ја очекуваме во Србија во наредните четири години. Многу е пореално до неа да дојде некој од женските клубови како Јагодина или Наиса, доколку финансиски зајакнат.

Борбата за српскиот ракомет се води на домашен терен многу повеќе отколку на меѓународниот. Се помалку деца, поготово женски сакаат да играат ракомет. Конкуренцијата во кошарката и одбојката е силна. Една огромна база од пред 20-тина години, сега е под прашалник и практично е во системот каде што се зависи од наплатата на членарина ширум Србија. 
Доколку РСС успее да ги закрепне клубовите и заедно со државата да создаде предуслови за да зачувување на базата од Суботица до Бујановац, имаме шанса.
Најлошото го преживеавме. Ако е за утеха, полошо не може, српскиот клупски ракомет од оваа точка, може само напред. 



Жика Богдановиќ е пионер во ракометното онлајн новинарство. Творец, сопственик и главен уредник е на порталот balkan-handball.com и англиската верзија handball-planet.com со кои успешно работи повеќе од една деценија. 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk