Криза од Вардар до Триглав (1) - Словенија

Што се случува со балканскиот ракомет? Моменталните позиции на клубовите и репрезентациите од државите од регионот никогаш не биле полоши.  Дали е причината слаба сезона или нешто друго, подлабоко и поопасно? Фактичката ситуација е следна, на мундијалот во Египет прв пат по 1997 година немаше балкански тим во Топ 8, на Олимписките игри во Токио прв пат по 1992 година нема да има машка репрезентација од овие простори. 
Во Лигата на шампионите ниту еден клуб нема да мине во 1/4 финалето со катастрофален скор на терен без меѓусебните дуели од три победи две нерешени средби и дури 31 пораз само во групната фаза на трите перјаници на Балканскиот ракомет, Вардар, ППД Загреб и Целје. Во Европската лига, ниту еден клуб не го мина 1/8 финалето.
Резултатите од 1/8 финалето, пак, во ЛШ, го зцрвенеа и небото над некогашната Југославија. Минус 14 на Вардар, минус 13 на Целје, а ППД Загреб подобро и што не играше со Флензбург... 
Со ваков ритам, за две сезони нема да има директно место во ЛШ за клубовите од Балканот...
Во наредните денови, пет еминентни новинари од Словенија до Македонија ќе ви ги пренесат своите погледи на кризата на ракометот во своите земји. 



ТЕМНИ ОБЛАЦИ НАД ТРИГЛАВ
Пишува Петер Залокар, новинар на словенечкиот весник „Дело“

Ракометот во Словенија веќе има видено многу подобри денови, а ситуацијата со Ковид дополнително ја влоши состојбата.
Далеку од европскиот врв е бившиот европски првак Целје Пивоварна Лашко кој беше нерамноправен со Париз во 1/8 финалето на ЛШ. Сезонава оствари три победи од кои две против уште поочајниот ППД Загреб. Единствената голема победа беше во Нант. 
Клубот многу страдаше порадо коронавирус, а буџетот ќе биде уште помал. Екипата ја напуштаат Јосип Шарац, Патрик Лебан, Филип Ивиќ, Јан Гребенц, Матиц Грошељ. Засилувања не даваат сигнал дека Целје ќе биде конкуренција во ЛШ и следната сезона. Нивната сила е во ракометната академија која беше прогласена за најдобра во Европа. Штета е што многу рано го напуштаат „Златорог“. 

Покрај Целје амбиции имаат Тримо и Горење. Тримо со тренерот Зорман добро се носеше во Европската лига каде остварија три победи. Горење, пак, е прв фаворит за пехар во ЕХФ Куп (Челинџ Куп) и тоа многу важно за да се крене рејтингот кој од од 13 дојде на 12 место. Целта е девето место и директен влез во ЛШ. Домашното првенство е израмнето, но квалитетот паѓа. Минатата сезона не беше завршена, па Лигата се прошири на 14 клуба. До крајот има 7 кола, но владата на Словенија од 1 до 11 април воведе локдаун, па лигата стои. Некои велат дека треба да ја прекинат сезоната и никој да не испадне затоа што натпреварувањето во Втората лига не е регуларно. 

Новата Словенија ќе се гради околу Домен Макуц

Машката репрезентација не ги постигна целите на СП во Египет, уште повеќе разочара во квалификациите за Олимписките игри во Токио каде доживеа убедливи порази од Германија и Шведска, на турнирот во Берлин. Ракометниот сојуз (РЗС) повлече некои потези, но не се одлучи да го смени селекторот Љубомир Врањеш туку неговиот помошник Урош Зорман, кој наводно влечел потези од позадина. РЗС вклучи зелено светло за подмладување, некои играчи како Гајиќ, Цингесар, Скубе, Бомбач, па можеби и капитенот Доленец би можеле да го препуштат местото на помлади, затоа што сега целите се кон Париз 2024. Репрезентацијата би требало да се гради околу Зарабец, Макуц и Јанц. Ќе биде интересно да се види каков список ќе објави Врањеш за квалификациите за крајот на април. 

Власта во Словенија, навистина, речиси ништо не направи за да му помогне на словенечкиот спорт во кризата. Повиците за промена на даночната политика со што фирмите би биле стимулирано да даваат пари во федерацијата и клубовите не паднаа на плодно тло. Клубовите се гушат во беспарица, иднината е нејасна. Посебно трпат средините каде се развиваат младите играчи затоа што тренинзите веќе неколку месеци се забранети. Многу талентирани играчи во меѓувреме престанаа да за занимаваат со спорт што е голема и непоправлива штета. 


 
Петер Залокар
 е спортски новинар од Словенија. Зад себе има 23 години минати низ новнарските битки од кои 11 како дел од РТВ Словенија, а 12 како новинар на весникот „Дело“



 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk