Магдебург денеска на гости во Битола

Одамна во Битола не се играл натпревар со меѓународен карактер со вака големо значење, каков што е денешниот прв 1/8 финален меч меѓу Е. Пелистер и Магдебург. 




1/8 ФИНАЛЕ - ПАРОВИ
17:00 Ч. Медведи - Ним
18:45  ГОГ - ЦСКА
18:45  Монпеље - Кадетен
18:45  Нексе - РНЛ
20:45  Фајверс - Берлин
20:45  Е. Пелистер - Магдебург
20:45  Спортинг - Висла Плоцк
Кристијанштад - Адемар   одложено

Магдебург е екипа која од од Кил и Флензбург, па и од РНЛ ја делат „оние“ мали работи, ситници што на крајот во големата слика ги ставаат зад нив.
Играат брзо, пред две години за нив пишувавме дека играат најубав ракомет за око. Тоа подразбира брз проток на топка, транзиција, кратки напади или малку додавања додека дојдат до позиција за шут. 

Марко Безјак, словенечкиот плејмејкер диригира, но многу, дури и премногу работи беа оставани на Данецот Михаел Дамгард кој игра на позиција лев бек. Но, тој имаше проблем со повреди, па сезонава многу повеќе се потпираат на шутерските способности на новодојдениот Омар Инги Магнусон, кој пак е десен бек или десно крило, може да игра на двете позиции. 
Во тимот на Магдебург игра и Кристијан О'Саливен, играч задолжен за почеток на транзицијата одбрана-напад во репрезентацијата на Норвешка, а истото го прави и во германскиот тим. Одбраната им ја командува Жељко Муса, на голот е Јаник Грин. 
За германскиот тим денеска нема да настапат повредените Михаел Муше, него го нема од почеток на сезоната и исландскиот играч кој своевремено го нарекувавме новиот Палмарсон - Гисли Кристијансон (21) кој дојде од редовите на Кил. 

„Остваривме многу добар резултат, сите сме горди на пласманот во осминафиналето. Среќни сме што ни доаѓа моќна германска екипа како Магдебург, екипа која е во врвот на првенството на Германија. Но, во спортот не се живее од минатото, па ние ќе направиме сè добро да се презентираме и да најдеме што е лоша страна на Магдебург.
Тие играат многу брзо, транзиција и брз проток на топка. Имаат на сите надворешни позиции пониски ракометари, кои се моќни во играта „еден на еден“. Магдебург има крила кои скокаат од мали агли и имаат висок процент на реализација. Имаат и подвижна одбрана и можам да набројувам уште многу работи. Тие неслучајно се втори во Бундеслигата, но ќе повторам уште еднаш: Без оглед на сите нивни квалитети, ние ги знаеме нивните слабости“, изјави тренерот на битолчани, Жељко Бабиќ. 

Натпреварот почнува во 20:45 часот. Битолчани сигурно имаат шанса, особено ако повторат игра како против ГОГ на последниот меч на домашен терен. 
Гостите се фаворити, гледно вкупно за двата натпревари, но Германија најави нови заострени мерки против ширење на Ковид, па ќе видиме како ќе изгледа целата оваа приказна.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk