Металург ремизираше со Адемар!

МЕТАЛУРГ - АДЕМАР ЛЕОН  27-27 (16-13)
Дупјачанец (12 одб), Серафимов 7, Калуѓеровиќ 5, Тарабокија 4, Хорват 3, Додиќ 2, Рниќ 2, Поповиќ 2, Шилегов 1, Митиќ 1, Петковски, Кофилоски, Лазаревски, Ѓорѓески



Металург покажа дека на нив мора да се смета посериозно со денешниот меч против Адемар Леон. Штета е што македонскиот тим не успеа да победи иако ја контролираше средбата и водеше цели 53 минути. Но, остана непоразен и освои бод што ќе му донесе многу самодоверба во продолжението на сезоната,  


Првото полувреме одиграно со Адемар беа најдобрите 30 минути во Европската лига за Металург сезонава, имајќи предвид и кој е противникот на спротивната страна.
Металург почна со Рниќ и Лазаревски, но отворија Серафимов и Тарабокија со стрелба кон голот на Шпанците, Металург поведе 2-0, 3-1, 5-2 и го принудија Мануел Каденас да побара тајм аут уште перд да истече 10-та минута од средбата. 

По ова се врати Адемар, израмни на 5-5, но Поповиќ, Хорват и Тарабокија во следните минути ја одржуваа предноста на Металург, а потоа Додиќ со два гола по ред го донесе македонскиот тим на плус два (10-8).
Митиќ и Калуѓеровиќ внесоа живот, следеа минутите за Калуѓеровиќ кој го донесе Металург на плус 3 (13-10), а потоа со уште два гола беше фактор што го реши првиот дел (16-13).

Рниќ со два гола во во второто полувреме ја продолжи серијата на Металург кој дојде до највисоко водство од 19-15. Но, следеа три промашувања, меѓу кои и пенал па Адемар се врати на 18-19, а потоа промаши и Хорват, но Ервин Фојчман направи техничка грешка и немаше израмнување, туку гол на Тарабокија за 20-18. 
Следеше гол на Фојчман и исклучување на Лазаревски при водство од 21-20 на Металург, а Калуѓеровиќ ја играше својата најдобра партија во Металург и погоди за 22-20 во 46 минута. 
Дупјачанец имаше одлична партија, а во 48 минута му симна зицер на Гостовиќ со кој ќе конкурира за место во Топ и во ова коло, но Металуг не можеше да се одлепи. Втор пат при 23-21 не постигна гол и Адемар преку Перез намали на 22-23.
Хорват постигна важен гол и Металург водеше 24-22 и имаше играч повеќе на 10 минути до крајот. Но, исклучен беше и Митиќ, па силите се израмнија, а Перез намали на 23-24, а во 53 минута го запишавме првото израмнување во вториот дел 24-24. 

Потоа се вовлече несигурност, промаши Додиќ, а Натан Суарез за прв пат во 54 минута го доведе Адемар во водство. Димитриоски дури тогаш побара тајм аут, а една неволја не оди сама, па и Серафимов заврши на масажа покрај клупата. 
Адемар поведе со 26-24, а на две минути до крајот водеа и со 27-25. Серафимов се врати во игра и постигна гол за 26-27. 
Металург имаше и последен напад, по тајм аут, а Калуѓеровиќ со својот петти гол донесе бод за Металург на последниот ЕЛ дуел сезонава.




 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk