Романскиот ЧСМ Букурешт и оваа пролет ќе составува тим што ќе треба да го повтори успехот од 2016 година кога станаа европски прваци.
Многу пари, многу познати играчи и уште повеќе тренери минаа низ ЧСМ Букурешт од 2016 година, но ниту еднаш не успеаја да го повторат сензационалниот успех остварен во ЛШ таа сезона. Напротив, дури и во домашното првенство во еден период го загубија приматот.
Пролетва, одново склопуваат екипа што има потенцијал да го симне Ѓер од тронот. Дојдоа три норвешки репрезентативки, ја ангажираа Црногорката Рамусовиќ...
Им заминаа два голмана, Јелена Грубишиќ (крај на кариера) и Дениса Деду (Рапид), а решение за испразнетите места се Норвежанката Марие Давидсен која дојде од Турингер и новата трансфер бомба - Тес Вестер (27).
Холанѓанката која има имиџ на една од најубавите ракометари, доаѓа по три сезони минати во Одензе.
Но, нејзиното доаѓање не беше едноставна мисија. ЧСМ за да ја ангажира неа, мораше да доведе уште една холандска ракометарка - Ивет Брох. Таа е пивот, екс играч на Ѓер што реши да ја прекине кариерата, па подоцна се предомисли и потпиша за Мец.
Брох е добредојдена на местото на Крина Пинтеа која замина за Ѓер.
Сега, со Вестер, Брох, Арнцен, Рамусовиќ, ЧСМ има опасна дефанзивна линија и може да се надева на големи резултати.