Вардар оди на дуел со Мотор во Запорожје во СЕХА, но во позадина на овој дуел можеби се крие пресметка на истите два тима во 1/8 финалето на Лигата на шампионите.
Вардар 1961 утре ќе му гостува на Мотор Запорожје, на натпревар од СЕХА Гаспром лигата. Дуел на два стари познаника, иако секоја година и двата тима претрпуваат не мали измени.
„Како ќе се справиме со Малашинскас е најбитно. Тој е моторот на Мотор и од него се почнува во нивниот тим, иако се работи за екипа што има видно напреднато, а некои нови играчи се појавуваат како носители“, вели Алушевски, кој додаде и дека Стефан Атанасовски ќе добие шанса на овој натпревар на сметка на Томи Јагуриноски кој, пак, се уште има оток на шутерската рака и не е во игра.
Но, во позадина на овој дуел се крие сценарио за кое Вардар навива. Во исчекување сме ЕХФ да преброи како ќе ги подели службените бодови и на кое место ќе заврши Вардар во ЛШ, а на кое Мотор.
Добри се шансите овие два тима да се сретнат и во 1/8 финалето на ЛШ, па во тој случај утрешниот меч ќе се претвори и во пронаоѓање на слабите страни на противникот и криење на сопствените слабости и Х-фактор елементи.