Македонската репрезентација добива неочекувано и големо засилување за престојните две акции во квалификациите за ЕП 2022. Филип Миркуловски ќе има слична задача како и Кирил Лазаров. За следната акција е пријавен да биде и играч и тренер.
„Разговаравме и договорени сме за следните две акции на репрезентацијата“, вели Миркуловски. „Првата акција е во март, двата натпревари со Данска. Повеќе ќе бидам ангажиран во тренерскиот дел, иако е можно да играм и против репрезентацијата на Данска“, вели Миркуловски за g-sport.mk.
Македонија против светскиот првак ќе игра во Скопје и Алборг кон средината на март, два дуела на кој противникот е голем фаворит, а потоа следат решавачките натпревари за пласман на ЕП 2022, дуелите со Финска на гости и Швајцарија на домашен терен.
„Ќе бидам на располагање за тие две средби“, вели Миркуловски. „Спремен сум да помогнам во тренерскиот тим, а ќе видиме и каква ќе биде и ситуацијата со повреди, ковид и слично, рано е да се прогнозира што било, но ќе бидам на располагање и како играч“, изјави средниот бек на Вецлар.
- Потоа?
„Потоа, ќе видиме. Треба да се разговара и договара. Треба да видам и што ќе се случува со мојот клуб Вецлар каде што ја имам истата улога. Клубот на лето менува тренер, тој има своја замисла. Тоа е еден цел пакет преговори за сезона 2021-2022. Но, во моментов е најбитно што сум договорен и на располагање за следните две акции на македонската репрезентација“, изјави Миркуловски.
Враќањето на Миркуловски за овие четири натпревари е голем плус за Кирил Лазаров како селектор и поголема сигурност пред решавачките натпревари во квалификациите.
Македонија досега има две победи, со Финска дома и особено важна победа со Швајцарија (плус два) на гостински терен. Следат двата натпревари со Данска, па возвратно, со Финска на гости и со Швајцарија на домашен терен.
На прв поглед работата е речиси завршена, но Швајцарија која на мундијалот во Египет дојде како втора замена, одигра солидно првенство и доби крилја. Не би рекле дека е завршена работа пласманот на ЕП Унгарија и Словачка.
Затоа радува враќањето на Филип Миркуловски прво како играч, а потоа се надеваме и по мајксите квалификации како асистент тренер заедно со Јоновски, Ангеловски и Црвенкоска.
Македонската репрезентација, тоа за нас е факт, откако го немаше Миркуловски во тимот, не успеваше вистински да ги поврзе двата правца во играта, а за тоа каков борец, квалитет и искуство загуби сметаме дека нема потреба да коментираме. Со Миркуловски како поддршка, сигурно ќе биде полесно и за Кузмановски и Талески, плус со Лазаров во игра, Манасков и Георгиевски на крилните и Стоилов и Пешевски, имаме одново препознатлив состав.
Примарната цел е да се обезбеди пласман на ЕП 2022. Ако го реализираме тоа, потоа ќе има и простор и време да се комбинира и состави и подмладен тим за настап на Европското првенство. Би имал Лазаров со својот тим цели осум месеци за комбинирање и составување на стратегија и тим што ќе го пробие новиот пат кон континуитет во настапи, евентуално и за повисок дострел.