КОМЕНТАР: Почна нова ера во македонскиот ракомет

Ракометната федерација на Македонија со назначувањето на Кирил Лазаров за селектор на машкиот национален тим и шеф на стручниот штаб на сите машки репрезентации, денеска, сврте нова страница во македонскиот ракомет. 



Почнува новата ера во македонскиот ракомет. Не, не сме завршиле или расчистиле со „старата“ , таа ќе биде уште овде со сите свои лоши и добри страни. Колку подолго ќе ги гледаме добрите или колку пократко тие другите зависи од тоа што ќе се (с)работи во иднина. 
И како што некогаш сите патишта водеа кон Рим, во македонскиот ракомет сите патишта водеа кон моментот Кирил Лазаров да стане селектор за да почне новата ера. Ова го велиме и сакаме да  подвлечеме и искажеме голема почит кон неговите претходници. Имавме селектори за кои имаме високо мислење и ја цениме нивната стручност, работа, идеја, човечки карактеристики.
Па сепак, долго време, со години, слушавме од исто така ценети ракометни соговорници, некои од нив со педигре на врвни европски познавачи дека во Македонија вистински промени во машката репрезентација ќе има од моментот кога Кирил Лазаров веќе нема да биде играч, туку селектор. 

Не можеме да кажеме дека не се согласуваме со нив, напротив. 

Секој почеток е тежок, да се биде добар играч не значи дека ќе се биде и добар тренер и слични флоскули ни се добро познати. Но, ако треба со една реченица да го опишеме Лазаров, нема да кажеме дека е најдобриот стрелец во ЛШ, а е. Нема да кажеме ниту дека е најдобриот стрлец ниту од СП или ЕП. А исто така е. За нас поголема тежина од искинатите мрежи и бројките за името има бремето што го носи поривот да се биде врвен професионалец. Прашајте ги тие што го знаат, ќе ви кажат кој е најголемиот професионалец како спортист што воопшто го знаат.
Ако истата жар, професионалнизам и пожртвуваност што ја покажа како активен спортист ја има и како тренер-селектор, со човек-лидер каков што е Живко Мукаетов да биде ветер во едра и потпора кога работите ќе станат тешки, а проблемите големи, македонската репрезентација и воопшто македонскиот ракомет има убави изгледи да успее во својата мисија. 
Ќе треба трпение, можеби работите ќе тргнат на убаво, можеби ќе станат полоши пред да станат подобри, но со споменатиот тандем на челот на машкиот (рперезентативен) ракомет заедно со добро избрана логистика и соодветно количесто на вложен труд и трпение сигурно ќе даде резултат. Порано или подоцна. 



Македонија доби уште еден селектор Македонец што за нас е исто така голем плус. Одново со почит кон досегашните странци селектори кои се вложиле овде, но ниту еден од нив не може да се посвети повеќе, да ја познава подобро, да ја сака повеќе и да се радува и тагува подеднакво со македонската репрезентација отколку својата матична. 
Можеби колегите од Србија кои во моментов уживаат во молњевитиот успех со својот прв странец-селектор нема да се сложат. Нив им посакуваме успехот да им трае со години, но, од искуство на сведок на работата на десетина странски селектори, „назад е нивното“, порано или покасно ќе се развијат разликите. 

Кирил Лазаров најави дека ќе работи на неколку проблеми што се и не се новини.
Веројатно на многумина им беше чудно до граници на неверување како тоа Шведска со втор тим дојде до финале на СП. И како нивните акции изгледаат како да вежбани со години, а не дека се работи за тим што прв пат игра заедно. 
Нивните акции, движења и додавања изгледаат како да се вежбани со години, затоа што и се вежбани со години. Да бидеме попрецизни, Јонатан Карлсбогард, Јим Готфридсон и Линус Арнесон го вежбале уште како деца тоа што го усовршувале Магнус Висландер и Штефан Ловгрен, по нив Ким Андерсон и Јонас Лархолм... Тоа се вика - систем. 

Македонија под водство на Данило Брестовац како селектор на сите репрезентации, се обидуваше да воспостави систем. Стигнаа донекаде, но ги изеде темницата, коментарите и отпорот што се јавуваше од секаде каде што можеше да се (по)јави.
Кирил Лазаров ќе се обиде одново да воспостави ред и тоа што го играат сениорите да го играат и јуниорите и кадетите и пионерите. И најави дека, конечно, тоа ќе биде побрз ракомет. 
Ова ќе биде сизифовски проект. Не се сомневаме дека во репрезентациите ќе функционира, Но за да биде комплетно и да даде резултат, ќе мора да добие поддршка од клубовите и тренерите, па понекогаш тоа што ќе сака Лазаров да го види на терен кај репрезентацијата, да го види и во некој од клубовите што даваат репрезентативци. Искрено, помалку сме скептици. Ова ќе биде голем тест за Лазаров. Ќе биде потребно трпение, тактичност, а ако тоа не е доволно, ќе треба уште повеќе трпение и повеќе тактичност.
А јавноста е позната по тоа што нема трпение. 





Втората работа која ќе биде голем предизвик е минутажата на македонските репрезентативци во клубовите. Лазаров најави дека и тој и целиот негов тим ќе разговара со сите тренери и ќе се бори и убедува поголема минутажа да добијат македонските репрезентативци. Ова е проблем што се таложи со години и не само минутажата туку поврзано со тоа и улогата што ја имаат македонските репрезентативци во клубовите.
„Перфектното“ оправдување на поголемите клубови е дека тие играат на резултат. 
И овде ќе треба убедување, индивидуална работа, а ако тоа не даде резултат, уште повеќе убедување и уште повеќе индивидуална работа. 
Лазаров ќе треба да им ја промени и матрицата на размислување низ која се почесто македонските таленти со помируваат со улогата на статисти, се задоволуваат со комоцијата што им ја нуди моменталната плата и статус, па оставаат странците да (им) ја вршат работата. А кога ќе дојде на ред репрезентацијата, тогаш проблемот станува национален, а вината се бара најчесто кај тренерите и странците. 

Резултатски од Македонија не очекуваме чуда. Искрено, би биле во прв момент задоволни ако се пласираме на ЕП, а таму да не изгледаме како на СП Египет.
Македонија со Кирил Лазаров ќе ги има сличните амбиции, проблеми, квалитети како и досега. Пласман на ЕП, оттаму пласман во втора рунда, потоа прв шешир во бараж за СП 2023. па нов мундијал. И тоа е сосема во ред додека не се отвори шанса за нешто поголемо.
Специјални резултати не очекуваме, но од Лазаров очекуваме искуството од Веспрем, Атлетико, Барса и Нант да го преслика во националниот тим. Рековме, со поддршка од РФМ очекуваме отпочнување на низа проекти што репрезентацијата ќе ја доведат во поинаков ред. Почнувајќи од изборот на стручен штаб, логистика, да видиме и какви ќе бидат односите со јавноста итн. 

 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk