ДАНСКА - ЕГИПЕТ 39-38 пенали. 28-28 (16-13)
Данска е во полуфиналето на СП. Египет е елиминиран, по епска битка во која на крајот пресудија седмерците.
Голема битка што траеше 80 минути водеа Египет и Данска и на крајот немаше победник. Мораше да се изведуваат пенали. Прв промаши најдобриот египетски играч минативе десетина години. Ахмед Ел Ахмар. Тој имаше лоша серија против Никлас Ландин и за време на натпреварот.
Во четвртата серија, Јакобсен го испрати на пенал линијата десниот бек Орис кој целиот меч го преседе на клупа. И тој промаши.
Али Зеин веднаш по него истрча премногу самоуверен, ако можеме да кажеме и несериозен пред Никлас Ландин. И ја плати сметката.
По него Ласе Свон ја запечати пирамидата во која останаа „фароните“.
На овој расплет му преходеа две драми.
На крајот на регуларниот дел, Египет на 28 секунди до крајот тргна во последен напад, при нерешено. Но, пивотот Мамду направи погрешна измена и нападот им беше прекинат, а топката доделена на Данска. Не успеаја да шутнат на гол. Погрешната измена се состоеше во тоа што стапна прерано на терен, акцијата едвај да беше почната.
На крајот на првото продолжение Данска имаше победа во раце. Имаше гол предност и посед на топка. На неколку секунди до крајот им беше судена пасивна игра. Микел Хансен веројатно помисли дека е готово и место да ја остави топката и да оди да слави пласман во полуфинале, ја фрли во воздух. Данците веќе славеа на терен, но тоа според последните промени на правила е опструкција и се казнува со црвен картон и пенал. Така и беше и Египет израмни.
Микел Хансен ќе беше големиот трагичар на Данска, но Ландин му го спаси образот во пенал серијата.
Подвлечено, не направија глупост ниту Микел Хансен, ниту кутриот Мамду. Со ништо не влијаеа на играта, а направија голема разлика на вака важен меч.
Такви се ракометните правила и затоа ракометот ќе остане уште долго маргинален спорт.
ИХФ би требало сериозно да размисли за укинување на второто 2х5 минути продолжување, затоа што натпреварот што 60-70 минути беше ракометна убавица, во последните 10 беше мачилиште за ракометарите.