Селекторот Брестовац го апострофираше најголемиот проблем во македонскиот ракомет, проблем што се рефлектира во репрезентацијата.
„Точно е, загубивме 10 разлика. Мислите дека мене ми е убаво, дека не ми е срам? Но, подобро да загубиме 10 разлика, а сите да играат и да видат каде се и да напредуваат, отколку да загубиме со 3-4, 5 разлика, а да го држам Лазаров во игра 60 минути и во составот се потпираме на постари играчи. И само да се залажуваме и да го одложиме моментот кога неминовно ќе се случи тоа што сега се случува“, вели Брестовац.
Не е битно дали сум јас селектор. Кој и да дојде е исто. Да не донесе некој нов селектор 16 нови играчи? Тие се играчите што ги имаме. Проблемот е што тие не играат во своите клубови.
И на сето тоа што не играат уште им се носат странци во екипите и тоа не врвни. Се прошири лигата и сега место да просперираат нашите играчи им се носат странци, дури и во Плеј аут е исто.
Погледнете каде играат играчите на Словенија, а каде играат нашите. Видете само каква миннутажа имаат нашите играчи во своите клубови.
Слушам критики дека не е земен овој или тој. Дури и играчи што не се ни во првиот тим на својот клуб?! Не се добри за прв тим, а треба да се добри за репрезентација...
Потоа виновна била федерацијата, виновен бил селекторот...
Мораме да се соочиме со реалноста, да работиме. Ќе боли една две години, битно е да направиме тим. И ќе биде и полошо пред да биде подобро.
Овде видовме и научивме многу, се отвораат и добри работи, влегуваме во еден систем. Имаме пенал за пласман на ЕП. Тоа што ја победивме Швајцарија на гости е голема работа. Ќе мораме да оргнизираме седум осум натпревари со врвни екипи за да го подигнеме нивото, тоа не немаме друг избор“, изјави селекторот Данило Брестовац.