Келн е за некого бајка, за некого кошмар

Низ призмата на македонски фан, Келн е град од ракометните бајки. Замокот во кој чека „убавицата“ да биде освоена, а во случајов тоа е метална рака која на најдобриот меѓу најдобрите му носи долговечна слава во своето и надвор од царство. И најдобриот од најдобрите се враќа дома каде што сите ќе му се поклонат и ќе живее среќно до... хм, барем 365 или во случајот 576 дена... 
Но, не изгледа Келн така бајковито за сите. 



Низ призма на навивач на ПСЖ или Веспрем, Келн не е градот од бајкаите, туку страшното царство до кое се доаѓа преку седум мориња и седум планини каде демнат разни препреки што се викаат Келце, Пик Сегед, Флензбург... Годинава четирите најдобри ги совладаа планините и препливаа морињата со помош на волшепството на Мерлин кој е стациониран во Виена и по скратен пат стигнаа со Келн. 
Но, страшниот дворец на врвот на ридот што се вика „Ланксес“ и натаму е обвиен со лоша магија за овие два тима. 

„Помалку е болно отколку кога загубивме од Вардар, но епилогот и натаму е ист“, вели францускиот новинар од „Парисиен“. 
„Игравме добро, направивме притисок, но кога дојде време за ротациите, тие имаа играчи што ние ги немавме. Се трудевме, трчавме многу, но и тие играа добро“, изјави по загубената битка Недим Ремили, играчот што доби задача да ги замени Никола Карабатиќ и неговата замена Лук Стајнс. 

ПСЖ најде оправдување што изгледа е општо прифатено во Франција. Ковид 19. Без Карабатиќ, Стајнс и Тофт Хансен и расцепкан тренажен процес клубот беше премногу ослабен за да ја победи Барса, во чиј предни редови јуришаше парижанец - Дика Мем. 



Веспрем од друга страна, во Келн стигна со четири загубени финалиња. Сега на списокот додаде и полуфинале плус. 
Веспрем неодамна играше со Кил и тука Давид Дејвис и неговата легија влегоа во големата стапица. Кил на тој меч не ја менуваше одбраната, Ландин не бранеше, Пекелер и Винцек тепаа само со 70-тина проценти од силите, а Дувњак беше лесен плен и во напад и во одбрана. 
Веспрем до толку се занесе во победничкиот залет што заборави да остави резерва што на крајот го чинеше и повреда на Расмус Лауге, клучен отстсуство, иако за волја на вистината Кил има многу поголеми проблеми со составот од нив. 

Тргна Веспрем и вчера силовито, но нивното главно оружје, Петар Ненадиќ заглави некаде пред блокот на Германците. Јиха умешно го скри Руне Дамке претставувајќи го како повреден, но тој вчера ја почна средбата, иако не беше џокер во вистинскиот смисол. 
Ротациите на Дејвис и натаму не ни се многу јасни, но тој сигурно подобро знае од нас кој колку и кога треба да игра. Но, факт, египетскиот играч Јахија доби шанса доцна, иако Веспрем во еден период влезе во  страшен ритам и минусот од седум го претвори во плус од четири. А тоа се цели 11 гола разлика во еден натпревар! И потоа влезе во една друга приказна, онаа за трката меѓу желката и зајакот и реши да се „одмори“ пред самата финиш линија. И уште еднаш се покажа челичниот менталитет, се вратија Германците со серија од 5-0 и за неутралните гледачи и го направија натпреварот уште поинтересен. 

Денеска е нов ден за ракометно уживање, иако не очекуваме ваков набој на мечот за трето место, а финалето секогаш се игра повнимателно. 
Барса и Кил како некогаш во битка за металната рака, а Веспрем и ПСЖ за утешна награда. Финалето се игра од 20:30 часот, а мечот за трето место од 18:00. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk