Уште три средби до спуштање на завесата

Прилеп - Е. Пелистер 2, Работнички - Тиквеш и Бутел Скопје - Металург се последните домашни натпревари во 2020 година. 



Кому ќе му припадне последното Плеј оф место во Супер лигата? На Е. Пелистер 2, Прилеп или пак на Тиквеш? Немаат подеднакви шанси, зависат еден од друг овие натпревари. 

Е. Пелистер 2 има најголеми шанси да обезбеди директен опстанок во Супер лигата. Нив им треба бод во Прилеп и со тоа би ги решиле сите проблеми. Поразот на Металург во Кавадарци ги стави во ваква ситуација, но и победата над Металург ги стави во „ваква“ ситуација... 
Победа на Прилеп, утре на мечот со битолчани не значи и дека ќе се пласираат во Плеј оф. За таа цел, треба и Работнички да му откине бод на Тиквеш. Но и во тој случај, Прилеп треба да победи најмалку со четири гола разлика или да победи со три разлика, но да постигне повеќе од 28 гола. 
Победата на Тиквеш во Скопје над Работнички не е загарантирана. Покажа заби и Работнички особено со Ончев во своите редови. Но, ако победи Тиквеш, тогаш кавадарчани би играле Плеј оф под услов Прилеп да го победи Е. Пелистер 2. 
Двете средби се играат во 17:00 часот, па сигурно ќе се следи во Скопје резултатот од Прилеп и обратно. 



Завесата ќе биде спуштена со дуелот Бутел Скопје - Металург, натпревар што со нетрпение го чекаат двата тима, за да можат да ја „фрлат“ опремата и да се свртат кон новиот предизвик - подготовка за новогодишните празници. Резултатски натпреварот нема да реши ништо на табелата. 

Со овие три натпревари завршува најкомплицираното првенство досега. Подвлечено, РФМ заслужува пофалби за стратегијата што ја одбра за шампионатот во ковид кризата. 
Поделбата на екипите во две групи и проширувањето се покажа како полн погодок. До таа мерка, што веќе има желба што можеби ќе стане и иницијатива и следната сезона да се задржи моделот, дополнети со Вардар и Е. Пелистер за кои не можеме да кажеме дека избраа вистински пат кога инсистираа да не играат во домашното првенство. 
Би сакале, но не можеме да ги пофалиме ниту клубовите, иако ова повеќе се однесува индивидуално до  играчите, дека професионално се однесуваа во текот на есенскиот дел. Дека ќе минавме без Ковид случаи е илузорно, такво нешто немаше никаде, но овде дозволија да станат кластери на Ковид и можеби сме рекордери во Европа со бројките заедно со Унгарците и Романците. Колективно мораа во карантин и тоа што првенството завршува пред Нова година и со сите одиграни натпревари е единствено заслуга на широката временска рамка што беше обезбедена со поделбата по групи. 
Други држави, а ќе ја издвоиме на пример Шпанија која имаше пред себе опција да игра по групи, а реши да го задржи стариот модел, сега има меѓу 30 и 40% неодиграни натпревари што којзнае кога и дали ќе се одиграат.

Можеби натпреварувачки најпогодени во целата сезона се прволигашите каде беше намален бројот на натпревари, многу брзо заврши сезоната и имаат голема пауза. 
Но, гледајќи како нивните колеги од повисок ранг масовно завршуваа во изолација, а клубовите во Првата лига објективно се и многу послабо организирани, ако и тие играа редовно, сигурно ќе имавме многу повеќе кластери. Така, сметаме дека е подобро што се одиграа турнири, по цена да има помалку натпревари и поголема пауза, отколку да имаме уште повеќе изолации, одложени натпревари и прашање ќе беше дали ќе можеше паралелно со Супер лигата да се одигра и Првата лига. 


 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk