Кастратовиќ: Два гола не се многу, не се ни малку

„Некогаш еден гол е многу, некогаш десет“ се малку е позната ракометна изрека. Металург има плус два, доволно за да остане на штрек и да се спреми подобро за следниот меч.



Металург следниот вторник ќе игра реванш натпревар со Кринс Луцерн во Швајцарија. Во Цирих ќе игра тимот од Луцерн, затоа што во својот град немаат сала што исполнува услови за играње Лига Европа. 

Во Швајцарија ќе има и публика. Дозволено ќе биде до 1.000 гледачи. Прашање е дали поголемиот дел ќе бидат за Луцерн или за Металург. Вообичаено има многу Македонци на натпреварите во Швајцарија, домаќинот е од друг град, но проблем е што се игра во вторник, а па многу од Македонците што живеат по околните градови среде работна недела, којзнае дали ќе се решат да одат на ракомет. 

g-sport.mk: Металург има два гола предност. Можеа да бидат повеќе, но можеше и поинаку да биде...

„Можеше да биде полошо. Имаа два гола предност и напад“, вели тренерот на Металург, Зоран Кастратовиќ. „Но, сметам дека ние заслуживме победа и тоа повисока од два гола. Противникот имаше контрола само 5 минути, од 45 до 50 минута. Другите 55 минути ние ја контролиравме средбата. Не успеавме да направиме поголема предност, најмногу поради наши грешки и промашени зицери. Седум имавме промашени зицери во второто полувреме“. 

g-sport.mk: Техничките грешки можеше делумно и да се избегнат, не беа изнудени и тешки ситуации, барем поголемиот дел

„Тоа е индивидуално исполнување на зацртаниот план. На теренот играчите се тие што ја носат финалната одлука што ќе направат со топката. За секој техничка грешка, требаше да се има повеќе решенија во критичниот момент. 

g-sport.mk: Роатацијата на играчите и поставите на теренот би можеле да кажеме и дека беа помалку и неразбирливи, ако гледаме од агол на обичен гледач

„Ротацијата беше базирана на одбраната. Противникот држеше ритам, постојано одеше на брз пренос, ние уште во првиот напад не се вративме навреме и бевме казнети. Добро беше анализиран противникот, знаевме што ќе игра. Дури и со 3-2-1 одбрана што не ја играа досега освен на последниот меч не не изненадија. Знаевме и за таа зона, затоа и така беше и нашата ротација замислена, да не остава премногу простор за нивната транзиција, да имаме на терен постава со која нема да правиме многу замени и да имаме добра одбрана на секоја позиција. Морав да мислам и да не ги истрошам клучните играчи за решвачките минути затоа што одбраната што моравме да ја играме бараа сила, трошење“, вели Кастратовиќ.

g-sport.mk: Следниот натпревар ќе биде решавачкиот, како по една проспана ноќ изгледаат шансите на Металург?

„Луцерн е одличен состав, но ние имаме поквалитетен и поискусен тим. Пропуштивме можност со поголема разлика да одиме на реванш. Тие одиграа на ниво на нивниот просек, го играа тоа што го играат со истиот ритам, за да бидат подобри на реваншот ќе треба да се надминат. Ние од друга страна имавме многу неискористени шанси. Особено во првиот дел и во првите 20 минути. Можевме првиот дел да го решиме со повисока разлика и потоа ќе беше полесно во продолжението. 
Средбата ја добивме со одбраната во последната фаза од мечот, но ако на реваншот имаме подобра реализација и помалку грешки ќе бидеме во многу поповолна ситуација. 

РЕЗУЛТАТИ ЛИГА ЕВРОПА
2. Коло (прв натпревар)
Азоти Пулави - Кристијансанд  24-25 (12-11)
Бјерингбро - ЦСКА Москва  26-23 (12-12)
Констанца - Спортинг  27-27 (14-16)
ГОГ - Винтертур  33-24 (15-12)
Ѓунѓеш - Берлин  23-25 (9-12)
Холстебро - Рајн Некар  22-28 (9-13)
Скјерн - Монпеље  31-30 (14-11)
Металург - Кринс Луцерн  26-24 (13-12)
Бидасоа - Нексе  30-27 (14-14)
Бенидорм - Фајверс  34-31 (17-14)
Турда - Тулуз   35-35 (15-17)
Требње - Балатон одложено
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk