КРУНА ЗА ШАМПИОНОТ: Одберете си тим и нека победи ракометот

ФИНАЛЕ: ХРВАТСКА - ШПАНИЈА   16:30

Првото ЕП со 24 тима одржано во три држави е завршено. Останува уште битката на стариот крал со новиот предизвикувач. 
Цели 18 години кралот го нема одбрането престолот, се надеваат на прекин на традиција Шпанците, иако сега пред портите им доаѓа војска што ј апредводи генерал кому единствено Европската тврдина му има одолеано. Двапати. Прво Данци, потоа Французи беа поуспешни во таа битка. 

Многумина ќе кажат денеска флоскула од типот дека се среќаваат две ракометни филозофии украсено до површни споредби во стилот на играње или што се случувало во нивните екипи минативе две години и ќе им ја доделат улогата на фаворит на Шпанците. 

Шпанија е познато име, но ракометот во Шпанија не е. Без разлика што најуспешниот тим во историјата е Барса, што се актуелни европски прваци... Ракометот во Шпаније е „Мас Депорте“ или како кај нас - Мали Спортови. Никој нема да го препознае на Рамбла ракометарот на Барса, Лука Циндриќ на пример, освен ако не е Хрват. 

Нема да застане времето во Барселона или Мадрид како што ќе застане во Загреб и Задар додека се игра вечерашниот натпревар. Затоа и би сакал вечерва да победи ракометот, настрана што тоа и во Хрватска  еуфоријата можеби ќе трае колку што редовно трае секое чудо - три дена. 

Еднакво битен на текот на натпреварот ми е настапот на македонските судии Ѓорѓи Начевски и Славе Николов. Слушнавме за неколку поплаки на првенството. Се пожалија Украинците на голот на Лазаров, се пожалија и Норвежаните за голот на Муса, Словенците за играта на Шпанија, Белорусите за третманот на Австрија... Не недостасуваа судиски грешки, им посакуваме на нашите најдобри судии да бидат перфектни. 

По седуманесет дена ракомет, се се сведува на еден натпревар. Одберете си го својот фаворит и уживајте. Сите тактики досега се кажани, сите „анализи“ направени, уживајте во последниот меч од ЕП. 





 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk