Трето место е малку за ЕП, во недела на сѐ или ништо

Македонската репрезентација одигра одличен натпревар во Естонија и запиша победа од 19 гола разлика што во комплетната трка за место на ЕП носи една поволност. Македонија пред дуелот со Естонците имаше -20 гола заостанување зад Литванија, па со оваа победа дојде до можноста во Скопје, со победа од два гола разлика да биде пласирана на второто место. Ако Македонија победеше со помалку од 17 гола разлика во Талин, тогаш за пласман на второто место ќе и требаше победа од плус три над Литванија.

Се работи за само еден гол, но тој е голем и од резултатски и од психолошки момент, затоа што во недела во Скопје двата тима ќе бидат „all in“.

Бергеровиот систем по кој се играат квалификациите ја покажа својата слаба страна, па во финишот на натпреварувањето, имаше тактизирање со составите (Словенија) и релативни неочекувани резултати, посебно од веќе пласираните тимови (Германија, Португалија).
Ова се одразува на распоредот на третопласираните екипи.
Ако пред петтото коло Македонија можеше да смета на пласман и како една од четирите најдобро третопласирани, сега тоа веќе не е случај. Истото важи и за Литванија, па затоа во недела еден тим добива сѐ, другиот ќе изгуби сѐ.

Според моменталниот распоред на третопласираните, по нерешениот резултат на Швајцарија со Германија и победата на Полска над Португалија, овие два тима влегуваат во игра за најдобро третопласирани и сега ситуацијата е следнава:

Група 1: Македонија би имала во најдобар случај 2 бода и минус од 18 гола, ако биде трета. Литванија во најдобар случај би имала два бода и минус 13 гола во гол разликата.

Група 2: Таму Финска ќе биде третопласирана, но без бодови со првите две екипи, освен ако не изведе подвиг и ја победи како гостин Унгарија.

Група 3: Грција игра на домашен терен со БиХ и ако победи ќе биде третопласирана, но со гол разлика од -23. Ако БиХ победи и биде трета, нема освоено бодови од дуелите со двете подобропласирани.

Група 4: Србија игра на домашен терен со Италија и ако победи Италијанците ќе бидат трети со два освоени бода и гол разлика од -4 (на ова ќе се додаде и минусот од поразот со Србија). Ако победат Италијанците, Србија ќе биде трета со два бода и минус од еден гол (ќе се додаде и минусот од Италија).

Група 5: Белгија ќе биде на третото место, но без бодови од дуелите со првите две екипи, освен ако не победи на гости кај Чешка.

Група 6: Украина најверојатно ќе биде трета, со два освоени бода и гол разлика од минус 6 пред гостувањето кај Фарски острови. Во теорија шанси има и Косово, но тие ќе треба да победат на гости кај Холандија и тогаш би имале три бода и пласман на ЕП.

Група 7: Австрија и Швајцарија играат во последното коло. И двата тима имаат веќе два бода на салдо и гол разлика од -9 за Швајцарија и -5 за Австрија.

Група 8: Во оваа група е најхаотично, затоа што сѐ уште три екипи се во игра за второто место. Тоа се Полска, Романија и Израел. Најверојатниот исход е дека Полска и Романија ќе завршат како второ и третопласирани, но и двете имаат гол разлика под -10 гола и следствено третопласираниот тим од овде би бил меѓу најдобрите четири.

Подвлечено, екипите од групите 4, 6, 7 и 8 имаат реални шанси да се пласираат на ЕП како најдобро третопласирани.

Поврзани вести