Репрезентацијата на Македонија е пред двата решавачки натпревари за пласман на ЕП 2026. Нашиот најдобар состав ќе игра со Естонија на гостински терен и со Литванија во Скопје за пласман на континенталниот шампионат што ќе се одржи следниот јануари во Шведска, Данска и Норвешка.
Какви се шансите на Македонија за пласман на ЕП во пресрет на последните две кола?
Првиот фактор се дуелите од петтото коло во кое Македонија ќе гостува во Талин, а во Виљнус ќе дојде Словенија.
Ако победат Словенија и Македонија, тогаш во Скопје на 11 мај, со победа од три гола разлика над Литванија, македонскиот тим ќе го освои второто место и ќе патува на ЕП.
Ако Литванците освојат бод или победат со Словенија, која патем од наш агол неспортски патува со третиот состав, тогаш и мечот меѓу Македонија и Естонија нема да има значење.
Македонија ќе мора да ја совлада Литванија за да се пласира на третото место и ќе бара пласман на ЕП како една од четирите (од вкупно осум) третопласирани репрезентации што ќе одат на ЕП.
Според регулативите на ЕХФ, на табелите за најдобро третопласирана екипа се пресметуваат само резултатите со прво и второпласираната екипа во групата и тоа по следниве критериуми:
1. Бодови; 2. Гол разлика; 3. Поголем број на постигнати голови; 4. Ждрепка.
На две кола до крајот, ако нема поголеми изненадувања, Македонија и како третопласирана би одела на ЕП 2026. Само две третопласирани реално котираат подобро од Македонија во моментов, тоа се третопласираната екипа од групата во која се Србија и Италија и групата во која Холандија и Украина кандидатите за третото место.
Но, има уште два натпревари за сите екипи, се надеваме дека Словенија ќе ја одработи својата задача и дека Македонија сама ќе решава за својата судбина и нема да се пребројува со третопласираните.
Поврзани вести