Атрактивен меч со висок ритам и брзина одиграа екипите на Алкалоид и Рунар во првото полуфинале од ЕХФ Европскиот Куп во Автокоманда. Иако овој противник е најквалитетниот што дојде во Скопје во ова европско натпреварување, Алкалоид по трет пат ја мина границата од 40+ голови, а втор пат постигнува 42 гола на европската сцена сезонава.
„Очекував тежок меч, имавме доста материјал за Рунар. Играат добро цела сезона и во лигата и во Европскиот Куп. Ги почитуваме, победивме со пет гола, но имаме седум дена да се подготвиме добро за реваншот. Сигурен сум дека реваншот ќе биде многу потежок од овој дуел. Ја заслуживме победата, но можеби не со пет гола. Можеби еден до два, но не повеќе“, вели Лазаров.
Голема, црно-бело е разликата меѓу европските натпревари на Алкалоид и тие што ги игра на домашната сцена. Сите екипи со кои се сретна во ЕХФ Куп, Клаипеда, Бриксен и особено Рунар играат брз ракомет, а се составени грото од домашни играчи. Мал исклучок беше романскиот тим Минаур Баја Маре, но и на таа пресметка двата дуела завршија со +30 постигнати погодоци.
Комплетна спротивност е македонското првенство. На домашната сцена не се игра брз ракомет или комотно можеме да кажеме дека се игра застарен ракомет.
И таквиот стил, особено доколку се толерира темпото може да даде резултат, тоа не е спорно, но тешко дека ќе даде напредок. Како ќе минува времето, така и јазот ќе се продлабочува што ќе биде видливо на меѓународна сцена.
Кирил Лазаров исто така се осврна и на стилот на ракомет што се играше на дуелот со Рунар споредено со натпреварите што се играат на домашната сцена.
„Ова беше меч со висок ритам, постигнавме 42 гола. Во домашното првенство, пак, не постигнуваме повеќе од 20-25 голови. Мораме да следиме тренд со европскиот ракомет, затоа што тоа подоцна се одразува не само на клубот туку и на репрезентацијата“, изјави Лазаров.
Алкалоид има пет гола предност пред реваншот во Норвешка, но таа предност не е гаранција за пласман во големото финале. Рунар е екипа што на домашен терен со +10 гола ги совлада екипите на ЧСМ Букурешт, Целје Пивоварна и Олимпијакос. И тие на сите свои натпревари освен на еден постигнаа +30 голови.
Тоа се резултати што заслужуваат почит, а Алкалоид треба да учи од грешките на Целје и особено на Олимпијакос. За да се затвори зад Алкалоид полуфиналната и да се отвори вратата од финалето има уште долги 60 минути против екипа која знае ракомет и одлично е подготвена и сите се согласни за една работа - ништо не е готово и нема да биде лесно.
Поврзани вести