Алкалоид пред историски европски меч

Алкалоид е пред нов историски момент, игра во полуфинале на Европски Куп. Пласман што беше потајно посакуван, но сега откако е остварен, амбициите не спласнуваат. Напротив, финалето и директната битк за пехарот е на дофат и очекуваме два натпревара на сѐ или ништо за нова историја.
Терминот за одигрување на натпреварот е непријатен, се игра на голем празник, но немаше подобра алтернатива со оглед на распоредот во Суперлигата и термините достапни од ЕХФ.

Македонските гледачи ширум земјава, пак, ќе можат да го следат овој меч и низ директен ТВ пренос.

Во Скопје доаѓа сериозна екипа, прва која има и улога на фаворит што се базира на нивните досегашни резултати и традиција.
Рунард Сандефјорд е четирикратен првак на Норвешка, трипати вицепрвак и десет пати бил третопласиран. Десет пати имаат играно во финале на Куп на Норвешка, победиле четирипати. Овие резултати се потврда дека се работи за клуб што со години е во врвот на норвешкиот клупски ракомет.
Ејнар Ригелут Корен, Франк Локе и нивниот актуелен играч Кристофер Рамбо се меѓу најпознатите имиња што играле за оваа норвешка екипа, заедно со тренерот Бјарте Мирхол.

Сандефјорд во моментов е клуб што како проект е многу сличен на македонскиот Алкалоид. Типично за норвешките екипи, тоа е клуб со претежно млади домашни играчи кои успешно ја „изџвакале“ скандинавската школа која подразбира транзиција, луцидност, брза игра. Тренер е легендарен норвешки ракометар, веројатно најценетиот и најпопуларниот нивни ракометар до појавата на Сандер Сагосен – Бјарте Мирхол. Овој 42 годишен тренер доби многу битки и на терен и вон терен и неколкупати ја рестартираше кариерата кога се мислеше дека е готово. Професионалец par excellence со кого сме имале можност неколкупати пати да се сретнеме и разговараме и кој секогаш безмалку со секоја изјава оставал впечаток дека е спортист кој работите ги гледа од поинаков агол, повисоко ниво и резултатите што клубот ги остварува под неговото водство сигурно се рецепт од неговата кујна.

Резултатите на Рунар во ЕХФ Европскиот Куп се посебна приказна што мора да биде раскажана за да се има предвид каков тим утре ќе се појави во Автокоманда.
Го победија и елиминираа ЧСМ Букурешт, импресивно со 11 гола победа на првиот меч и три на реваншот (37-25, 29-26), потоа буквално го прегазија Целје со 13 разлика (41-28) со пораз од 30-32 на реваншот.
Потоа отидоа на мегдан со Бешикташ засилен со Сориндо, Гурбиндо... Дома одиграа нерешено (35-35), но победија во Истанбул (30-29) и конечно се сретнаа во 1/4 финалето со Олимпијакос.
После поразот од шест разлика во Атина (31-37), се доби впечаток дека нивниот пат овде завршува, но на домашен терен победија со 10 гола разлика (33-23) и еве ги во Скопје на полуфинале.
Подвлечено, екипа што со 13 гола го совлада Целје, со 11 гола ЧСМ Букурешт, со 10 гола Олимпијакос и што го победи Бешикташ среде Истанбул заслужува само респект.

Кристофер Рамбо (35) е нивното најпознато име на терен. Екипата е главно млада (21-23 години), но со додадена вредност од двајца леви бекови, искусни странци, Швеѓани. Мартин Линдел (31) и Тобијас Ривешјо (35).

Првиот натпревар се игра утре во Скопје со почеток од 19:00 часот, а реваншот е седум дена подоцна во Сандефјорд.

Поврзани вести