Алкалоид пишува нова евро историја

РК Алкалоид е пред нов исторски натпревар во ЕХФ Европскиот Куп. Во недела во Автокоманда во рамките на полуфиналето на ова натпреварување во Скопје ќе гостува норвешкиот тим Рунар Сандефјорд. Почнува историски двомеч за македонскиот тим, победникот ќе се пласира во финалето и ќе биде дел од последната битка за победнички пехар.
Натпреварот ќе се игра во недела со почеток од 19:00 часот, реваншот е седум дена подоцна во Норвешка.

Денеска, Алкалоид одржа прес конференција на која го најави натпреварот:
Кирил Лазаров: „Не очекува еден тежок меч против незгоден противник. Во изминатиот период имавме доста тешки натпревари, со квалитетни противници во лигата во рамки на плеј-офот. Доста го анализиравме Рунар, со доста материјали. Имаме доста информации кои ни покажуваат дека се работи за сериозна екипа со скандинавски стил кој не ни одговарал многу низ историјата. Рунар до полуфиналето дојде со победи над квалитетни ривали како Целје, Бешикташ и Олимпијакос. Сите овие противници кои ги набројав Рунар ги елиминира во двомеч, така што не очекува доста тежок натпревар не само во Скопје, туку и во Норвешка. Пласманот во полуфиналето со македонски сили секако дека е успех, се надевам дека ќе имаме сила и енергија по тешките мечеви да излеземе на терен и да водиме тешка борба во целите 60 минути, знаејќи го нивниот стил.“

Игор Ѓорѓиев: „Не очекува меч од огромно значење. Прво европско полуфинале за нас. Голем момент како за Алкалоид, така и за македонскиот ракомет. Како екипа горди сме што успеавме да се пласираме во оваа фаза и да играме за финале. Рунар е екипа која игра типичен брз скандинавски ракомет, првиот меч ни е дома. Затоа сакам да ги повикам сите љубители на ракометот да бидат наша поддршка, наш седми играч и да се бориме за историски момент и европско финале. Со оглед на тоа дека имаме тројца или четворица играчи повредени, јас како капитен свесен сум, а и играчите дека мора да функционираме како тим. Ако продолжиме така како што играме до сега, имаме огромни шанси како во европскиот Куп така и во плеј-офот во лигата“

Натпреварот меѓу РК Алкалоид и РК Рунар Сандефјорд се игра во салата „Автокоманда“ во недела (20.4) со почеток од 19:00 часот. Главни судии се Георгиос Панајидес и Мариос Андреу од Кипар, додека делегат на натпреварот е Владимир Сокол од Хрватска.

Поврзани вести