Интересен ден е на ракометната сцена денеска, откако четири клуба од Плејоф шампионатот спонтано еден по друг излегоа со соопштенија за јавноста.
Приказната има увертира, РК Алкалоид пред дерби мечот со Вардар 1961 издаде соопштение во кое побара судиска неутралност, повикувајќи се на претходното дерби за кое сметаат дека имало премногу грубости, а по мечот со Вардар најави жалба на судењето.
Дали се во право или не, треба да утврдат комисија и релевантни фактори, но нивното право да се жалат никој не може да им го оспори или ускрати.
Вакви моменти, низ годините имало, број не им се знае. Но, ова е посебен случај.
За Вардар 1961 оваа одлука на РК Алкалоид, значи дека клубот од Автокоманда сака да ја омаловажи нивната победа и тоа го наведоа во соопштение.
Со соопштение се јави и Еурофарм Пелистер кој се најде прозван, но не пред дербито Вардар – Алкалоид, туку отпосле откако Вардар реагираше. И за нив во кратки црти е истото, иако жалба за тој меч немаше.
Следен со соопштение се јави ГРК Охрид кој не се најде прозван во приказната, но имаше потреба јавно да го брани системот на делегирање на судии и јавно се декларираше дека:
„Ќе се држи до принципот на јавно некоментирање на работата на судиите, а се со цел да не се ствара јавен притисок врз истите ...“.
На крајот со соопштение се јави и ГРК Тиквеш. Тие, иако во соопштението имаат замерки и за судии и за делегат, „во согласност со последните соопштенија на клубовите“ решија како што велат да не останат неми и слепи и реагираат на неспортското однесувањето на тренерот на РК Алкалоид, Кирил Лазаров.
Кавадарчани не се пожалија на ништо по натпреварот, во записник.
Тоа се четири соопштенија во 24 часа на тема РК Алкалоид и кој верува дека се спонтани нека верува во тоа, кој мисли дека се позврзани и имаат заеднички „НЗС“, исто така е негово право.
Сите четири клуба го повикаа новиот РФМ да не подлегнува на притисоци и провокации.
Новиот РФМ, пак, денеска има причина задоволно да ги трие рацете. Со тоа што овој влијателен квартет на клубови јавно го осуди РК Алкалоид затоа што се жали, практично сами си го ускратија и своето право „утре“ и не само утре и самите да го сторат тоа.
Согласно нивните слични/заеднички денеска изнесени ставови во кои повикуваат на непристрасност, не правање на притисоци, определбата самите да извлекуваат поуки од своите грешки и така натаму, сега со полно право очекуваме уште од следното коло, ждрепката, судиите и арбитражата на сите натпревари да биде максимално испочитувана и веќе да нема реакции на судењето не само јавно, туку и за време на натпреварите, противничките екипи да бидат достојно пречекани и испратени, да нема притисоци и ферплејот и меѓусебното почитување да бидат на европско ниво.
Што се однесува, пак, до РК Алкалоид, сигурно имаат свои аргументи да веруваат дека овие четири соопштенија не се спонтана реакција. Нивната историја е кратка и свежи се сеќавањата дека клубот уште кога играше во Првата лига беше трн во око на многу клубови. Издржа и ќотек и етикетирања од секаков тип, но успеа да стане врвен македонски проект од кого многу работи зависат и во репрезентацијата и тоа за разлика од легионерските клубови е на сметка на резултатите на клубот. Покрај се, и натаму е трн во око. Кирил Лазаров неговите играчи се единствените и дежурни виновници за сите порази на репрезентацијата, додека со победите се китат сите.
И тоа ќе биде така, се до еден момент, кога веќе нема да биде така.
Поврзани вести