Следната сезона во женската ракометна Суперлигра ќе се натпреварува нов клуб со име ЖРК Атлетик. Оваа новоформирана екипа пред себе поставува високи цели во организациски и логистички поглед пред сѐ, фактори што главно се занемаруваат во македонскиот спорт и се во сенка на резултатот. „Преамбулата“ на клубот убаво ги дефинира нивните цели, ангажирани се проверени спортски имиња и би требало да бидат освежување во првенството и ако (им) оди според планираното, ќе бидат и лидери во воведување на повисоки стандарди во женскиот ракомет.
Почитувани,
Би сакале да ве информираме дека формиравме женски ракометен клуб под името ЖРК Атлетик, кој има за цел да игра водечка улога во развојот на младите талентирани ракометарки во Македонија. Преку соодветни и правилни тренинзи, модерни методи и однапред дефинирана програма на функционирање, клубот се стреми да биде расадник на голем број идни репрезентативки на нашата држава. Со вклучување на млади и амбициозни поранешни репрезентативци, а сегашни ракометни работници, ќе создадеме здрава средина на вистински спортски вредности, без фаворизација, со еднаква можност за докажување на теренот и надвор од него.
Како се ова би го направиле и реализирале на најпрофесионално и највисоко ниво, структурата која ќе го овозможи сето тоа се состои од следниве лица, кои забележале доста значајни успеси како на тимско поле, така и на репрезентативно.
Управа на ЖРК Атлетик:
Претседател: Горан Стојков
Потпретседател: Дејан Блажески
Извршен директор: Ана Стојков
Спортски директор: Ина Суслина
Оперативен менџер: Михаела Митреска
Главен тренер: Татјана Хмирова
Асистент тренер: Ивана Велковска
Тренер на голмани: Тања Андрејева
Кондициски тренер: Дејан Пецаковски
Фитнес тренер: Марија Дурљанова
Физиотерапевт: Нина Димковска
Спортски психолог: Кирил Насков
Ана Стојков, Извршен директор:
"Со големо задоволство ви го најавуваме проектот кој го смисливме со многу голема љубов и желба, проект за кој веруваме дека ќе биде нешто посебно во женскиот ракомет, клуб на кој сите ќе бидеме горди.
Стекнатото искуството во Европскиот женски ракомет преку најелитното натпреварување во Европа, ЕХФ лигата на шампиони во годините наназад заедно со нашиот стручен тим на клубот ќе ни овозможи полесно да ги оствариме зацртаните цели со исклучиво наши Македонски играчи. Целта е јасна, преку сите овозможени услови за работа да се создадат врвни ракометарки со кои достоинствено ќе ја претставуваме Македонија на Европска сцена."
Татјана Хмирова, Главен тренер:
"Пресреќна сум што сум дел од овој прекрасен нов проект ЖРК Атлетик, клуб со позитивна и перспективна иднина и прекрасни луѓе.
Мислам дека имаме одличен тренерски колектив со свежи идеи и мисли, подготвен да даде 200% од себе. Нè очекува многу работа, со нетрпение го очекувам почетокот на сезоната."