Вчерашната трагедија во Кочани ги остави во длабока сенка сите други настани, меѓу кои и принудниот настап на македонската ракометна репрезентација во Словенија. РФМ побара одложување од ЕХФ и не го доби, па изборот беше да го одигра натпреварот или да се соочи со суспензија не само за тековните квалификации, туку евентуално и во следните две години.
Македонија го одигра мечот што почна со минута молчење, ракометарите носеа црни ленти и не се радуваа на постигнатите голови. Но, тоа не беше сѐ. Шеесет минутното мачење во „Бонифика“ имаше и уште еден ракометно многу лош момент, а тоа е повредата на еден од нашите најдобри ракометари – Марко Митев.
Се покажа дека се работи за повреда на предните вкрстени лигаменти. Тоа е злокобната, позната ракометна повреда, а паузата е вообичаено шест до девет месеци.
Ќе бидат дополнително извршени прегледи во Скопје, но тоа не се очекува да ги смени работите. Сезоната за Марко Митев за жал е завршена, но ако навреме се почне со рехабилитација би требало и навреме да биде спремен за настап за следната сезона.
Највисоката сметка ќе дојде на адресата на РК Алкалоид кој за седум дена го почнува 1/4 финалниот двомеч од ЕХФ Европскиот Куп против романската Минаур Баја Маре, а му претстојат и натпреварите во Плејоф и Куп на Македонија на домашната сцена.
Репрезентацијата нема да биде поштедена исто така, во втората третина на мај ќе треба да ги комплетира квалификациите против Естонија и Литванија, но за разлика од клубот, во националниот тим селекторот Кирил Лазаров ќе има поголем избор на играчи кои би го замениле.
Поврзани вести