СЛОВЕНИЈА – МАКЕДОНИЈА 38-27 (20-12)
Влах 9 - Кузмановски 6, Серафимов 3, Лазаревски 3, Атанасијевиќ 3, Пешевски 3, Костески 3...
Црна лента, минута молчење, голови на кои ракометарите не се радуваат, повреда на еден од најдобрите играчи... Македонија ја одработе наредбата од ЕХФ да го одигра натпреварот со Словенија во предвидениот термин.
Словенија победи 38-27 (20-12), епилог што е очекуван, разликата превисока и непосакувана, но тешко дека некому таа денеска е битна.
Домашниот тим подобро отвори, поведе 4-1, а тие три гола разлика се провлекуваа низ првите 15 миунти од полувремето во кои комплетно изостана и голманската поддршка. Потоа во игра влезе Марко Митев, по два-три напада се повреди што беше нов шок за нашиот тим, а Словенија водството го зголеми на плус пет до шест гола и така беше до 29 минута.
Кирил Лазаров побара тајм аут, наложи да се игра седум на шест со посебно внимание да не се изгуби топката, односно да се даде гол. Се случи сосема спротивното, веднаш загубена топка и промашен зицер, а тоа не чинеше два гола без голман и конечни 20-12 на полувреме.
Во второто полувреме, разликата се движеше од девет до 11 гола предност за Словенија. И на овој меч македонската одбрана немаше решение за бекот на Алборг, Алекс Влах.
По десетте гола во Скопје, новото засилување на Келце постигна девет во Копер. На почетокот на мечот кога се направи разликата, со шест одбрани се истакна голманот Јоже Базник.
Во тимот на Македонија, Филип Кузмановски постигна шест гола, а по три гола постигнаа дури пет ракометари: Серафимов, Костески, Пешевски, Лазаревски и Павле Атанасијевиќ.
Ако Словенија ја совлада Литванија и како гостин на мечот што ќе се игра во мај, тогаш Македонија со победа над Естонија на гости и со победа повисока од два гола над Литванија на домашен терен ќе го освои второто место во групата што носи директен пласман на ЕП.
Поврзани вести