Словенија ги освои бодовите од дуелот со Македонија во третото коло од квалификациите за ЕП 2026. Заслужено, го докажаа квалитетот. Понесени од податокот дека им недостасуваат 11 играчи, голем дел од македонската јавност го превиде моментот кои играчи дојдоа, на сметка на тоа кои не дојдоа.
Во Скопје ги видовме Алекс Влах кој е замената за Микел Хансен во Алборг, потоа Блаж Јанц и Домен Макуц кои пет години играат во Барса, човекот-карпа Блаж Благотиншек од Флензбург итн. Овие играчи и во 55 минута изгледаа како сега да почнал натпреварот што покажува дека, сепак, зборуваме за повиоко ниво, ракометари кои веруваме во добар дел ќе ги гледаме и на Фајналфор дали во Келн или во Европската лига.
Селекторот на Македонија, Кирил Лазаров по натпреварот вака коментираше:
„Треба да преспиеме и да анализираме, одигравме перфектни 20 минути и не заслуживме само еден гол предност на полуверме. Добро ќе анализираме, момците играа прецизно во напад и одбрана. Во голем дел од мечот Словенија беше немоќна, ама нашите момци беа разочарани по исходот на првиот дел. Се обидовме да им укажеме дека не треба да жалат за тоа што можевме да имаме повеќе предност.
Во второто полувреме имавме проблем на централната позиција во одбраната. Црвениот картон ни беше проблем, бевме приморани да играме со Павле Атанасијевиќ на неприродна позиција и тоа беше пех. Во последен момент Никола Маркоски отпадна од составот поради повреда, кој е искусен и важен за нас на вакви натпревари.
Нашата цел е Европското првенство. Сигурно дека ќе жалиме утре, иако бев резервиран пред мечот. Македонец по забележителен успех е тешко да го држиш свесен и трезвен. Ова е добра лекција за нашиот менталитет. Ние само се повторуваме, не знаеме како Македонци да бидеме константни во повремените успеси. Треба да се работи на менталниот склоп“, изјави Лазаров.
Поврзани вести