Светската ракометна федерација (ИХФ) финално номинираше три ракометарки во изборот за најдобар светски играч за 2024 година. Во последниот филтер се најдоа Норвежанката Хени Рејстад, потоа Кари Братсет Дале исто така од Норвешка и францускиот бек Ензе Минко.
На оваа објава и претходеа кандидатите за најдобар млад играч, а тоа се Лулу Борг (фото), од Франција, Петра Симон од Унгарија и уште една Французинка – Лина Гранву.
Сезоната за данскиот лев бек Арон Менсинг најверојатно е завршена откако (MRI) снимките потврдија дека е сериозно е оштетена Ахиловата тетива. Арон Менсинг се повреди на натпреварот од ЕХФ Европската лига на Мелсунген против Кил и неговото отсуство сериозно ќе се одрази во екипата во која (долгорчно) се повредени и Амин Дармул, Давид Мандиќ, Александре Кавалканти, Арнар Арнарсон, Елвар Јонсон и Бруно Ејкоф.
Откако неговиот тим неочекувано и високо загуби (23-31) од екипата на Обилиќ, тренерот на Црвена Звезда, Владица Стојановиќ поднесе оставка. Неговото место ќе го заземе познато име, своевремено ракометар на МРК Куманово, Жикица Милосављевиќ.
Почнувајќи од денеска, женската репрезентација на Полска, противникот на Македонија во баражот за СП, ќе одигра три контролни натпревари на турнирот „Златна лига“ шт ќе се игра во Ден Бош, Холандија. Селекторот на Македонија, Кристијан Грчевски ќе може подобро да ги анализира полските играчи откако ќе ги изгледа нивните дуели со Холандија, Норвешка и Данска.
Германскиот тим Вецлар, каде што асистент тренер е Филип Миркуловски, следната сезона нема да може да смета на еден од најдобрите играчи, голманот Тил Климпке. И покрај убедувањата на клубот да остане, тој заминува од Вецлар и ќе им се приклучи на Хампус Ване и Ханс Линдберг во данскиот (второлигаш) Хој Хендбал.