ГРК Охрид веќе неколку сезони го подобрува својот статус на сериозен клуб, рамо до рамо со водечката тројка во македонскиот ракомет. Следната сезона, ако ги следиме најавите, нема да биде различна. Охрид ќе биде конкурентен, можеби и повеќе од кога и да било досега.
Ќе имаат нов тренер (Борис Ројевиќ), веројатно поголем буџет, а извесно и поголема играчка трансформација на екипата.
Повремениот словенечки репрезентативец, Тилен Стрмљан (25) би требало да биде првото играчко засилување за екипата на ГРК Охрид за следната сезона.
Откако пропадна или пропаѓа најавениот трансфер на македонскиот интернационалец Филип Талески со кого охриѓани беа блиску до договор, сега се најавува словенечкиот централен бек кој во моментов настапува за Хановер, третопласираниот тим во Бундеслигата.
Тилен Стрмљан имаше одлични сезони во екипата на Целје Пивоварна Лашко кои му го донесоа трансферот во Германија. Минатата сезона мина одлично, но сезонава таму Јонатан Едвардсон и Мариан Михалчик се ракометарите на кои им е доверена централната бековска позиција. Стрмљан во сезонава, настапил само на 11 натпревари и постигнал 4 гола од 9 обиди, според официјалната статистика на Даикин Бундеслигата.
Охриѓани потврдуваат дека има заедничка заинтересираност и велат дека се блиску до договор. Исто така велат и дека преговараат со уште неколку ракометари, но во моментов е рано да откриваат повеќе детали.
Поврзани вести