Каков тим е Баја Маре, противникот на Алкалоид во ЕХФ Куп?

Алкалоид денеска го доби противникот за 1/4 финалето во ЕХФ Европскиот куп и потенцијалните противници за евентуалното полуфинале од ова европско натпреварување.

Единствениот од трите македонски претставници кој успеа да стигне меѓу осумте најдбори, за место во полуфиналето ќе се бори против романската екипа Минаур Баја Маре. Со евентуален успех, ќе чека противник од двомечот меѓу Олимпијакос и Сандефјорд.
Алкалоид нема причини да биде незадоволен, во прв ред затоа што го избегна легионерскиот АЕК и српскио државен проект Партизан. Овие две екипи, пак, ќе се сретнат во 1/4 финалето.

Екипата со која Алкалоид ќе се сретне во 1/4 финалето е лански полуфиналист на ЕХФ Европскиот куп. Таму беа елиминирани од подоцна шампионот Валур од Исланд.

Баја Маре е град што се наоѓа сосема на север на Романија, многу блиску до границата со Украина и има нешто повеќе од 100.000 жители. Ракометниот клуб натпреварите ги игра во сала изградена во 1975 година, една година откако е формиран ракометниот клуб.
Салата се вика „Ласкар Пана“ по основачот и почесен претседател на клубот кој бил и поранешен ракометар, освојувач на бронзен медал на ОИ 1980 во Москва. Капацитетот и е околу 2.100 гледачи.

Минаур Баја Маре е трикратен шампион на Романија (98, 99 и 2015), шест пати го освојувал романскиот куп и трипати е победник на своевремено вториот по сила Европски Куп – ЕХФ Куп.
Иако најславните времиња се зад нив, Баја Маре го зачува рејтингот на незгоден противник и сезонава се наоѓа на четвртото место со скор од 11-2-3. Пред нив на табелата се екипите на Бузау, Турда и Динамо Букурешт.

Во ЕХФ Куп ги елиминираа екипите на Бејкоз од Турција, Раховец од Косово и БК 46 од Финска.
Во составот сезонава имаат девет странци.

На голот го имаат украинскиот чувар Антон Терехов и Хајдер Ал Кафаги кој е, погодувате, Швеѓанец.
Пикери се украинскиот репрезентативец Иван Бурзак и домашниот Роберт Наѓ. 
Крилата се увоз од Чешка. Ќе се сетите можеби на левото крило Томас Чип кој редовно и како репрезентативец на Чешка и како играч на Татран им правеше многу проблеми на македонските тимови. Десно крило е Милан Котрц исто така чешки увоз, а друштво му прави третиот Украинец, репрезентативец, Артјом Козакевич.
Средниот бек е од Србија, Стефан Вујиќ кој има играно и за Хрватска и за Србија и за екипите на Нант, Загреб, Стеауа, Динамо Букурешт.
Десните бекови се исто така странци. Мартин Далин, втор шведски играч во тимот и Бразилецот Андерсон да Силва Молино.
Најдобриот стрелец во тимот е Романец. Тоа е левиот бек Тудор Ботеа. Од домашниот кадар можеби ќе ги препознаете и Стефан Кумпаничи, Виорел Фотаче...
Нивниот состав е исклучително искусен, дури осум ракометари се на возраст 32+ години.
Тренер на екипата е поранешниот романски репрезентативец Даниел Ади Поповичи.

Позитивно за Алкалоид е што реванш натпреварот го игра на домашен терен. Против романски екипи, тоа може да биде клучен фактор.










 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk