Алкалоид вечерва заверува пласман во 1/4 финале на ЕХФ Европски куп

Алкалоид денеска ќе го одигра реванш натпреварот од 1/4 финалето на ЕХФ Европскиот куп на кој противник во Скопје ќе му биде италијанскиот тим ССВ Бриксен.

Првиот натпревар се играше минатата сабота во Италија и на теренот на противникот, Алкалоид одигра одличен меч и оствари победа од 12 гола разлика (44-32) со што денешниот меч, доколку македонскиот тим биде сериозен и има професионален пристап кон натпреварот би требало да биде резултатски гледано - формалност.
Натпреварот ќе се игра со почеток од 18:00 часот во „Автокоманда“, познатата скопска сала која постојано се реновира откако Алкалоид се пресели таму. За потребите на клубот и играњето во Европа, исполенти се нови критериуми, за овој меч ќе има два нови големи семафори поставени зад головите, новитет е што веќе не се работи за изнајмени самафори, туку се сопственост на салата и ќе останат таму и за следните потреби.



Што се однесува до гостите, ако се репризира стилот на игра од минатата недела, македонските гледачи денеска ќе имаат можност да видат екипа што игра ракомет со брза транзиција. Иако немаат голема ротација, ракометарите што се на теренот се физички спремни, не тактизираат со времето, кондицијата и стратегијата со помалку напади да примат помалку голови и ќе гледаме за око убав натпревар.

Ако пак направиме еден пресек и од претходните дуели на кои во Скопје ги видовме Клаипеда од Литванија и Вест Виена од Австрија, добиваме како резултат доста чиста слика дека екипите и од овој ранг, низ разни географски неповрзани земји од Европа го играат тој стил на ракомет. Македонија заедно со дел од клубовите од регионот оди со терк со својот стил и во иднина да го продолжи да го нарекува „модерен“, настрана фактот што брзиот центар беше инсталиран пред цели 25 години, кога грото од сегашните ракометари не беа ниту родени. Згора на тоа беше и надграден минатата година за да можат екипите уште побрзо да можат да играат. Но, тоа е тема за друга ситуација, денеска фокусот е на двата тима што ќе скршат копја во 1/8 финалето.

Бриксен има пар бекови што се шутери, а најмаркантни се Винисиус кој доаѓа од Бразил и Кањете кој е репрезентативец на Аргентина. Тука се и браќата Биљали (среден бек и пивот) кои потекнуваат од Косово, но имаат италијански пасоши, хрватскиот ракометар Башиќ кој исто така има италијански пасош и репрезентативното крило Арсиери.

Алкалоид во деби сезоната во ова натпреварување има пред себе меч на кој ќе ја затвори 1/8 финалната епизода во ЕХФ Европскиот куп што беше невидливата граница на резултатски очекувања и сѐ што следува понатаму е успех плус.
Веќе во вторник ќе се одржи ждрепка за 1/4 финале и за 1/2 финале од ова натпреварување по што ќе биде исцртан патот на сите екипи до посакуваното финале.

Во тој ред на противници има тимови што се кадарни успешно да играат и ранг повисоко. Тука се АЕК со своите 16 странци, Партизан кој годинава е дизајниран да стане шампион на Србија по „кратка“ постапка која подразбира силна финансиска инјекција, ангажирање на најдобрите српски ракометари што се достапни плус странски засилувања. Пласман би требало да обезбедат и Олимпијакос со тим граден од најдобрите грчки играчи комбинирани со странци предводени од Жељко Бабиќ, потоа Бешикташ со Сориндо, Гурбиндо, Ашањин итн.







 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk