Пелистер подобар од Динамо, Митревски повторно херој

Е. ПЕЛИСТЕР – ДИНАМО БУКУРЕШТ 25-24 (12-13)

Живи се уште шансите на Е. Пелистер за плсман во елиминациите во Лигата на шампионите. Можеби во тие 10.000 симулации на др. Стрејнџ од ЕХФ има и една во која Висла го победува Берлин, а Пелистер го победува Динамо за продолжување на неизвесноста во Лигата на шампионите. Вечерва Пелистер возврати на победата на Висла над Берлин со победа над Динамо Букурешт и сега е исто како и пред ова коло.




Македонскиот првак имаше подобро отворање на натпреварот, а разликата ја направи инспирираниот голман Никола Митревски, па поведе со три гола разлика (7-4). По ова се воспостави поголема рамнотежа, но разликата остана (8-5, 9-6). Гостите од Романија почнаа да го подигнуваат нивото на одбрана, а на битолчани почнаа да им недостасуваат идеи во нападот. Настрана тоа, почнаа да погодуваат од дистанца романските играчи преку Кашпарек и разликата полека почна да се топи.

До крајот на полувремето гостите имаа целосна рамнотежа и успеаја и резултатот да го свртат во своја полза.

Во второто полувреме, гостите имаа плус два (15-13) пред Раул Алонсо да побара тајм аут. По ова битолчани влегоа „ол ин“ во мечот. Тоа резултираше со серија од 3-0 и преземање на водството 16-15.
При овој резултат најдобриот дефанзивец на Динамо, Али Зеин заработи второ исклучување, а Никола Митревски запиша 10-та одбрана, но следните два гола завршија во мрежата на Митревски.



Потоа почна игра гол за гол во која на „лента“ се менуваа добри и лоши моменти во играта на македонскиот тим. Тајник имаше свои моменти, Кузмановски исто, но реализацијата на седмерците и киксот во последните 30 секунди му оставија последен напад на Динамо при резултат 25-24.
Давид Дејвис побара тајм аут, ја договорија акцијата, биеше Али Зеин, а Митревски му фати жива топка за 16 одбрана и победа на Е. Пелистер.
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk