Големиот Ландин ја сруши Барса

АЛБОРГ – БАРСА 36-35 (23-18)
СЕГЕД – ЗАГРЕБ 26-27 (13-15)
КОЛСТАД – НАНТ 29-28 (18-11)

Алборг е на нозе и ја слави големата победа на својот тим над Барса, прва дури во нивната 14 пресметка.
Вечерва во Алборг се играше драматичен натпревар во кој домашниот тим доминираше во првиот дел во кој на моменти имаше и седум гола предност. Но, Барса е Барса и кога домашните почнаа да грешат притисокот врз нив стануваше сѐ поголем. Алборг имаше на десет минути до крајот контранапад за плус пет, но тоа додавање беше лошо, по што Барса комплетно се врати во игра. Ландин царуваше на голот, а Алборг на 18 секунди до крајот имаше водство од 36-35 и тајм аут. Се блокираа домашните, им беше одземена топката, а потоа неправилно го блокираа слободниот удар на Барса и турските судии досудија седмерец за Барса по истек на време.
Никлас Ландин го одбрани тој шут на Мелвин Ричардсон и донесе голема радост на домашните.

Невообичаено слаба вечер имаа голманите на Барса. Иако Емил Нилсен стигна до девет одбрани, тој првата интервенција ја имаше дури во 23 минута. И не само тоа, во финишот се повреди го напушти теренот, а Варгас не успеа да издејствува пресврт.

Репрезентативците на Загреб ја пресликаа својата добра игра од СП и во Лигата на шампионите и вечерва го совладаа ПИК Сегед како гости. Тешка работа имаа македонските судии Митревски и Тодоровски на натпреварот што се одликуваше со силна игра во одбрана, многу фаули и дуели и нешто помалку ракомет.
Загреб под водство на Петковиќ игра поинаку отколку во првиот дел од сезоната и водеше и со пет гола разлика за конечно да запише минимален триумф.

Норвешкиот Колстад го комплетираше триото мечеви од 18:45 во кое сите мечеви завршија само со еден гол разлика. Норвежаните кои имаа плус седум на полувреме со Нант, на крајот славеа минимално 29-28.

Photo: ​Von Wenflou - Eigenes Werk, CC0

Поврзани вести