Вујовиќ: Се врши хајка со лаги и измислици

Во соседна Србија деновиве е актуелен медиумски конфликт меѓу раководството кое неодамна застана на чело на сојузот и го презема водењето на ракометот и една од најмаркантните личности во светскиот ракомет воопшто, Веселин Вујовиќ, актуелен селектор на Катар, своевремено долгогодишен тренер на Вардар и во еден период и селектор на машките репрезентации на Македонија.
Раководството на РСС, инспирирано од изјави на Веселин Вујовиќ се огласи со соопштение во кое со жестока реторика е нападнат познатиот тренер, а патем се „повикуваат духови“ и од минатото со кои одново се интерпретираат одредени моменти од времињата.
Веселин Вујовиќ кој добар дел од кариерата ја мина во Македонија и овде има изградено свој рејтинг, реагираше во одбрана на својата репутација и во македонската јавност.

„Деновиве се врши голема хајка на мене од страна на режимските медиуми, а во сето тоа се приклучи Ракометниот сојуз на Србија. Јасно е кои се причините, а тоа е мојата поддршка на студентите и изјавите што ги дадов во врска со последните случувања во Србија.
Поддршка на студентите пружија многу спортисти, глумци, адвокати, доктори... да не набројувам, но единствено РСС се огласи со официјално соопштение и со тоа јасно даде до знаење на чија страна е, обидувајќи се со лаги и измислици да се додвори на налогодавците на тоа соопштение. Спортски сојуз во чиј систем на натпреварување се илјадници млади и голем број на ученици и студенти кои се борат за својата иднина и за тоа институциите во земјата да си ја работат својата работа.
Меѓудругото, во соопштението на РСС велат дека со години не бирам средства за да станам селектор на репрезентацијата на Србија, па поради тоа, на овој начин ги прозивам поранешните претседатели на РСС Божидар Ѓурковиќ и ѓоспоѓата Милена Делиќ да се огласат и да ги потврдат овие тврдења на сегашното раководство. Уште поголема лага е за непочитувањето на химната и знамето на Србија. Јас никогаш не сум бил селектор на Србија, туку бев на заедничката репрезентација на Србија и Црна Гора каде што беше интонирана химната „Хеј Словени“. Не знам каде и кога сум покажал непочитување кон државните обележја на Србија во која живеам 47 години, па би замолил да минаведат што мислат дека ќе постигнат со тие лаги.
Се осврнуваат во соопштението на натпреварот на тогашната репрезентација на РСЦГ со Хрватска. Ги повикувам играчите, членовите на таа репрезентација, но тие што не се од партијата СНС да потврдат дали е вистина ова што тврдат некои играчи за кои знаеме дека не се способни сами да напишат слични изјави и соопштенија.
Секој во животот го бира својот пат и начин дали ќе живее како човек на нозе или како полтрон на колена“, изјави Веселин Вујовиќ.




 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk