Мундијалот е архивиран, викендов што е зад нас почнаа сите првенства, а неделава што е пред нас, пак, низ работните денови е резервирана за ЕХФ Европската лига и Лигата на шампионите, додека викендот за ЕХФ Европскиот Куп.
Еурофарм Пелистер и Алкалоид се единствените македонски претставници кои преживеаја до оваа фаза во европските натпреварувања, двата клуба со реални шанси да направат и чекор подалеку.
Со ред, првата пост мундијалска евро-недела почнува утре со натпреварите од ЕХФ Европската лига.
Вардар 1961 беше македонскиот претставник кој не успеа во трката со Мелзунген, Порто и Валур да мине низ првите две места, па сезоната за црвено-црните заврши уште во 2024.
Во Главната фаза од ЕХФ Европската лига одново се играат групи, уште по четири натпревари ќе одиграат 16-те екипи што останаа пред да стигнат елиминациите.
Дуелот меѓу Мелзунген и Кил во групата „3“, од вчера прв и втор во Бундеслигата е главниот меч на утрешното мени, а меѓу осумте закажани дуели средбата меѓу шпанската Бидасоа и Бенфика на Филип Талески е меч што би било убаво да се прослди.
Веќе во среда на сцената се враќа Лигата на шампионите. Битолчани одат на дуел со браќата Кошта, Салвадор и слични ѕвезди во тимот на Спортинг. Овие ракометари не се прославија во „Боро Чурлевски“, но познати се и по тоа дека на домашен терен играат многу подобро. Тој меч ќе се игра во Лисабон во четврток.
На четири кола до крајот, битолчани имаат два бода повеќе од полскиот првак Висла Плоцк и послаб скор од меѓусебните дуели. Предноста на Пелистер е одржлива затоа што полскиот тим има потежок распоред. И македонскиот тим е пред четири тешки натпревари, со тоа што на домашен терен ќе игра со Динамо Букурешт и ПСЖ, а само еден освоен бод во пракса би ја решил оваа трка.
Конечно, европската недела завршува со викенд натпреварите во ЕХФ Европскиот Куп каде што се играат 1/8 финалните елиминациски натпревари.
Алкалоид ќе игра гости-дома со италијанската екипа ССВ Бриксен и според досега прикажаното, реално е да очекуваме пласман на македонскиот тим во меѓу најдобрите осум. Но, да ја почекаме сабота и да видиме како во живо изгледа односот на силите меѓу овие два тима.
Поврзани вести