Суперлигашите во еден здив го истрчаа загревашкиот круг во рестарот на сезоната во домашната Суперлига. Редовното 17 коло беше како темпирано за освојување на бодови на фаворитите, со тоа што по амбициите, важноста и жестината се издвои дуелот што во Прилеп го играа истоимениот домашен тим и екипата на Бутел Скопје, предводена од клупата од прилепската легенда Горан Кузмановски.
Единствено и тука се направи мала разлика на табелата, па сега во битката за Плејоф, екипите на Тиквеш и на Бутел Скопје имаат четири бода предност пред Пролет и Прилеп за разлика од досегашните два.
Но, до крајот на овој дел од Суперлигата има уште пет кола, односно во игра се вкупно 10 бода, а веќе во следното меѓусебе играат Бутел и Тиквеш, па еден од овие два тима ќе најде во ризична зона, особено ако Пролет ги освои бодовите во Куманово.
На непријатно гостување ќе оди и актуелниот првак Е. Пелистер. Битолчани во следното коло одат на гости кај Охрид кој има доволно силен тим за да помрси сметка на некој од фаворитите, особено кога ќе игра на домашен терен каков што е случајот во следното коло.
РЕЗУЛТАТИ 17 КОЛО:
Струга - Алкалоид 14-38 (5-17)
Е. Пелистер - Куманово 46-26 (25-12)
Ф. Борец - Охрид 29-35 (14-18)
Тиквеш - Радовиш 32-26 (16-12)
Т. Пролет - Вардар 1961 29-34 (14-15)
Прилеп - Бутел Скопје 28-33 (16-17)
ИДНО КОЛО:
Охрид - Е. Пелистер
Бутел - Тиквеш
Алкалоид - Ф. Борец
Куманово - Т. Пролет
Радовиш - Струга
Вардар 1961 - Прилеп