Данска е од друга планета

Photo: IHF/Kolektiff

ДАНСКА – ХРВАТСКА 32-26 (16-12)
Гидсел 10, Јакобсен 5 - Мартиновиќ 6, Шоштариќ 5

Репрезентацијата на Данска е старо нов светски шампион! Тие вечерва во финалето на 20 Светско првенство ја совладаа Хрватска на меч без премногу резултатски возбудувања, но со добра битка и на двата тима.
Данска е супериорна репрезентација до мерка што го расипа мундијалот со својата доминација. Во ситуација кога дел од репрезентациите почнаа смена на генерации, некои имаа поголеми проблеми со повреди, некои лош ден во елиминациите... тие беа константни, доминантни и предводени од двоецот Емил Нилсен – Матијас Гидсел ги прегазија сите противници.

Денеска во финалето имаа повеќе чувство, па Хрватска успеа да им искубе едноцифрен пораз, иако во еден момент кога се разиграа и разлетаа поведоа со 10 гола разлика и во финалето.
Хрватите сите адути ги фрлија уште во првиот дел. Со одбрана насочена кон Гидсел и со дополнителна доза на агресија се обидоа да воспостават контрола.
Но, тоа траеше 15-тина минути, потоа одново Гидсел беше во главна улога, а Емил Нилсен си го задржа просекот од неверојатни 14 одбрани по натпревар.
Данска имаше плус четири на полувреме, а во вториот дел уфрлија во повисока брзина и во 41 минут имаа 10 гола предност (26-16).
По ова Данците подзапреа, а Хрватите продолжија да се борат не гледајќи во семафорот, па мечот доби помирен ритам, а разликата на крајот таква да бидат задоволни сите.
Ова беше четврта шампионска титула за Данска по ред. Тие беа рекордери и со три шампионски пехари по ред, сега само го подобрија својот рекорд.

 
Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk