Португалија ја предизвикува данската машина

Photo© IHF/Kolektiff

Едно големо изненадување видовме во 1/2 финалето на мундијалот. Франција скапо ја плати својата надменост и неприлагодливост на дуелот со домашната Хрватска, а вечерва (20:30ч) уште еден од домаќините на СП ќе има шанса да завери место во финалето.

Данска ја пречекува селекцијата на Португалија на 60 минутна битка на условно неутрален терен во Осло. Условно затоа што Данска технички и натаму е домаќин на СП, а не се сомневаме за тоа на чија страна вечерва ќе биде публиката во Баерум Арена.
Може ли Португалија да ја победи Данска?

Сите логични параметри велат дека тоа е во рамките на сензација, иако Португалија е изненадување на СП. Барем за тие што не ги следат доволно долго или доволно детално состојбите на светската сцена.

Португалија, предводена од двајца ракометари кои меѓународната репрезентативна кариера ја почнаа во Скопје 2019 не е екипа што од небо „падна“ во 1/2 финалето на СП. За малку подобрите познавачи, поголемо изненадување ќе беше ако не дотуркаа до овде или 1/4 финалето.
Перјаницата на Португалија, Мартим Кошта и Салвадор Салвадор дебитираа на светската сцена на мундијалот за кадети во 2019 во Македонија. Во Скопје тогаш дојдоа како резерва на СП откако се откажа една од егзотичните репрезентации. Уште во првото коло ја збришаа Германија во која играа сегашните репрезентативци Јулијан Костер, Нилс Лихтлејн и Филип Ахуансу со седум гола разлика, на меч на кој 17 годишниот Мартим постигна 10, а Салвадор 8 гола. Мартим Кошта на тој мундијал играше на позиција десен бек иако шутира со десна рака, Салвадор играше на позицијата лев бек, а меѓу нив уште еден многу добар играч – Андре Соуса кој и сега е на поширокиот список, но не напредуваше со брзина како неговите колеги.
Во еден од многуте разговори, нивниот тогашен селектор, Карлос Мартинго, ни откри дека имаат уште еден суперталент, но тој има само 14 години и многу е млад за да биде во тимот.
Но, не мина долго пред на сцената да се појави и помладиот Кошта, Франциско.

Порто ги ангажираше Мартим, Кико Кошта и Соуса, но за отштета како што се зборуваше од 250.000 евра и играчка замена, ги испрати во Спортинг каде што тренер им е нивниот татко, Рикардо Кошта. Понатаму е историја.
Денеска, браќата вредат меѓу 2 и 3 милиони евра на пазарот.
Интересен податок за Португалија е дека генерацијата на Мартим и Салвадор, не само што дојде како замена на СП во Скопје, туку беше во длабока сенка на нивните една генерација постари колеги кои играа полуфинале на ЕП. Генерација во која беа Андре Гомеш, олстар играчот Диого Силва потоа Луиш Фраде... Уште тогаш најавувавме, дека кога овие две генерации се пораснат и ќе се спојат, Португалија ќе има тим за медал. Не промашивме многу, Гомеш и Силва станаа поинаков тип на играчи, но браќата Кошта, Салвадор и нешто повозрасните Итурица, Ареја, Магалаеш итн. Сега се тим што е во полуфинале. Не заборавајте дека денеска го немаат и суспендираниот Мигуел Мартинс од Алборг кој веруваме многу брзо ќе се врати во игра.
Но дури и комплетни, па и со Мартинс, Гомеш итн. Португалија денеска не би била фаворит.

На спротивната страна, е екипата со најдобар систем и грижа за играчи – Данска.
Од огромната бројка како квантитет, Данците умешно преку нивната топ академија која работи не само на терен туку и надвор од теренот во психолошка и едукативна подготовка на играчите селектираат тим што игра некоја друга игра, слична е на ракометот, но подинамична, поатрактивна и конечно резултатски многу попродуктивна.

На споменатото СП 2019 во Скопје на светската сцена дебитираа и двајцата играчи на Данска. Симон Питлик, момчето што тогаш сонуваше да заигра за Вардар и Мадс Хоксер кој е повреден и не игра на овој мундијал.

Не треба за Данска да се трошат зборови и анализираат, тоа е екипа што се закнува да го расипе машкиот ракомет на начин на кој женската репрезентација на Норвешка го расипа женскиот. Едноставно, премногу се силни во моментов. А и што да се каже за екипа која во „еден“ ден ги зпензионираше легендите Микел Хансен и Никлас Ландин и не само што не ослабе, туку изгледа дури и како посилна. Не ризикува Николај Јакобсен, покрај себе ги има и натаму ветераните Расмус Лауге и Мадс Менса Ларсен, за случај да затреба. Иако досега не се покажа некоја потреба од нив.
Би било добро за ракометот Португалија да приреди сензација каква што вчера приредија Хрватите, но сите логични параметри велат дека тоа ќе биде многу тешко.



 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk