Пишува: Ричи Ѓамовски
Вараждин и Хернинг ги спуштија мундијалските знамиња, вечерва тоа ќе биде спуштено и во Пореч и остануваат единствeно Загреб и Осло во центарот на ракометниот мудијал кој ќе остане запаметен по многу нешта.
Постолимписките турнири имаат свои карактеристики, а тековното СП ќе го паметат по историски лоши резултати гиганти како Шпанија, Шведска и Норвешка, потоа Полска, Јапонија, Катар... Од друга страна, Бразил и Португалија пишуваат нова историја.
Овој мундијал беше врвен показател за тоа како бројките не се најважната работа на турнирот, иако за жал само тие ќе останат пишани сведоци откако ќе протече доволно вода за да се измијат сеќавањата.
Видовме колку е тенка таа линија што може да отвори врата од 1/4 финале или да ве испрати на 21 место. Една топка. Ги паметите сигурно последните 30 секунди со Унгарија или последната минута и пол со Австрија. Можеше да се бориме за место меѓу осум, можевме да бидеме 21 место. И во едниот и во другиот случај, нашата репрезентација ќе беше оваа истата. Истите момци, истата борба, само волјата на Фортуна поинаква.
Но не е римската божица на среќата факторот што ги решава пласманите на мундијалите. Позади завесите, далеку од очите на подгреаните јануарски очекувања на фановите се одвива долг процес кој мора да го добие заслужениот кредит.
Селекторот Кирил Лазаров на мундијалот во Вараждин извади речиси дефинирана репрезентација која е производ на неколкугодишна сизифовска работа. Процес на промена на генерации во Македонија не е ист процес како промена на генерации во ракометните земји со изградени поинакви спортски систем. Па ете видовме и Шпанија која во интерес на Олимписките игри сега подмладува како заврши на СП. А во тимот ги имаат Душебаеви, Варгас, Гарсијандија, Соле итн. А и подмладува со играчи што беа јуниорски мундијалски шампиони какви што се браќата Цикуша, Баруфет...
Имав можнот да слушнам во една анализа пред натпревар, дека една од разликите меѓу Кирил Лазаров и Дагур Сигурдсон, на пример, е што Лазаров имал поддршка од РФМ, а Сигурдсон како странец во Хрватска одел по потешкиот пат.
Не знам навистина кои се маките на најскапиот изборник во историјата на Хрватска, но дека имал потежок пат? Околу поддршката...
Од кого тоа имаше поддршка Лазаров? Да не ја имаше од јавноста? Се сеќавате на коментарите низ социјалните медиуми? Од моментот кога стана селектор до ден пред дуелот со Унгарија е постојано напаѓан. Колкумина си земаа право да го напаѓаат и да кажуваат како треба и како не треба, измислуваа приказни и потоа веруваа во нив, го ловеа секој кажан збор за да го злоупотребат? Да не имаше комплетна медумска поддршка или поддршка од клубовите? Да не имаше поддршка РК Алкалоид, клуб кој е создаден за да можат пред сѐ македонски играчи со високо квалитетен тренажен процес да напредуваат? Ако не беше тој клуб каде што се сконцентрирани добар дел од играчите и каде резултатите се во втор план денеска ќе имавме поинаква репрезентација. Можеби кадарна да се носи со гигант како Унгарија 15-20 минути, но да се бори до последна секунда со нив, досега не сме успевале ниту со најсилен тим, а не со тим во кој се менува генерацијата.
Точно е дека Кирил Лазаров имаше полна поддршка од РФМ на чело со Живко Мукаетов. И тоа е добитната формула. Имаа јасна заедничка визија и стратегија. Заедно ги издржуваа сите ниски удари и подлости што им беа сервирани и тоа го правеа достоинствено, со крената глава.
Не знаеме со какви проблеми се соочуваат другите селектори, но далеку е од вистината дека Лазаров и РФМ оделе по полесниот пат.
Конечно, имаме репрезентација што изгледа добро на терен, се бори до последен момент.
Играта?
Можеби не играме скандинавски, но не играме и праисториски ракомет со одење по терен. Физички добро подготвени, дури и во недостаток на вистински бек шутер Македонија се надигруваше со десет-дваесет пати поскапи екипи. И тука можеше да се види тактичко перфектната подготвеност, особено за првиот меч за кого реално и најмногу време се подготвуваа.
Комплимент што потврдува стигна и од Веселин Вујовиќ кој добро ги познава македонските играчи и навики и рече дека Македонија направила сериозен исчекор кон играње на модерен ракомет.
Во контекст на играта, гледајќи како Австрија без тројцата најдобри шутери везе со седум на шест против сите екипи и како Шпанија со истата таа тактика се враќа од минус од 5-6 гола... можеме само да жалиме што толку лесно се откажавме од тој стил. Бевме први во свет и игравме најдобро седум на шест кога другите само пробуваа. Ако не креневме раце од таа игра, денеска ќе имавме моќно оружје со кое ќе можевме ако ништо повеќе 10-тина минути да ги реметиме сите што ќе ни застанеа на другата страна на теренот.
СП ќе се слави уште неколку денови, а потоа се гасат светлата и се враќаме во поинаква реалност.
Што следува?
Веројатно најголемата грешка што може да се направи е да нѐ понесат резултатите од мундијалот и да заокружиме дека имаме екипа од која веќе треба да бараме и поголеми резултати. Само да помине време и тие сами по себе ќе бидат подобри.
Оваа репрезентација има речиси финални контури, но далеку од тоа дека е финален производ. Многу малку треба, една топка и сѐ да тргне надолу. А многу работа треба да се задржи нивото.
Многу изодеа и истрпеа момците и Лазаров, но не се стигнати до целта. И нема да биде полесно, вистинските предизвици доаѓаат сега кога и противниците ќе нѐ гледаат со други очи.
Убав момент беше Вараждин кога цела Македонија се сплоти околу тимот и конечно им даде поддршка. Тој тренд мора да продолжи особено затоа што времињата се менуваат. Следниот противник е Словенија, исклучително сериозна репрезентација со одлични играчи и селектор. Таа екипа не се победува со еуфорија, треба да бидеме спремни на сѐ.
РФМ од 1 март ќе има ново раководство. Кој ќе биде претседател ќе видиме, но прашањето за милион долари е дали Кирил Лазаров останува селектор? Неформално изрази подготвеност, но неговите критериуми и принципи особено околу професионализмот во работата се високи и не е лесно да се следат. Особено кога одново ќе се најде на удар на јавноста и критичарите што сметаме дека е неизбежен момент.
Една топка ќе решава, дали ќе одиме нагоре или надоле.
Поврзани вести