Македонскиот ракомет е пред големи промени, а во моментов се отвора и селекторското прашање. Кирил Лазаров заврши голема работа во последните четири години не само квалитетно работејќи во формирањето на новата генерација, туку и смирено и достоинствено трпејќи ги критиките на сите што знаеја „подобро“ од него како треба и што треба.
Доаѓа време на поголеми промени, денеска беше поставено прашањето за неговиот натамошен ангажман на селекторската позиција.
„Се уште е рано да давам конкретен одговор дали ќе останам селектор или не, ајде нека се оладат главите, сите да размислиме... Едно треба на сите да им биде јасно, јас сум секогаш тука за Македонија, сум бил тука повеќе од две децении и така ќе биде и во иднина. Ајде прво да почекаме да видиме што ќе се случи, кој ќе дојде на чело на федерацијата. Јас сум човек со план и визија, ќе се сретнам со новото раководство и ќе им претставам како јас ја гледам иднината, па ќе ги слушнам и нивните размислувања. Како што реков, јас сум овде за македонскиот ракомет и секогаш ќе сум тука за да помогнам, без разлика дали како селектор или во некоја друга улога. Ќе видиме што ќе се случува во наредниот период, вечерва е прерано да се даде конкретен одговор за иднината“, изјави Лазаров.