МАКЕДОНИЈА – КАТАР 39-34 (21-17)
За репрезентацијата на Македонија нема неважен натпревар на тековното Светско првенство, па така и дуелот со Катар кој реално не решаваше битни работи, сепак решаваше како ќе изгледа крајниот пласман.
Македонија продолжи во добар стил да го игра првенството и денеска ја запиша втората победа. Бевме подобри од Катар и веројатно тоа значи пласман меѓу 16-те најдобри во светот.
Мечот стартуваше со мала мајсторија на Марко Митев и два контранапади на Петар Атанасијевиќ по што Македонија поведе со 3-1. Од другата страна од прв напад можевме да видиме каков вонсериски играч е кубанскиот бек Франкис Карол Марзо, а и Жарко Марковиќ потсети на своите најдобри денови со голот за 3-4.
По одбраната број два на Марко Кизиќ, нашиот тим постигна уште еден лесен гол за водство од 6-3 во седмата минута. Катар фати резултатски приклучок благодарение на еден гол на празна мрежа додека имаа играч повеќе (6-7; 7-8...), а во 13 минута израмнија на 9-9.
Играта гол за гол ја прекинаа македонските пикери Пешевски и Стојковиќ со голови за 13-11 и прв тајм аут за Веселин Вујовиќ.
Македонија лесно го наттрчуваше Катар кога ќе се пружеше можност и поведе со 16-13 во 23 минута, а потоа и со играч помалку Костески од контранапад донесе за прв пат плус четири (17-13). Марко Кизиќ влезе во одлична серија и со осмата одбрана и овозможи на Македонија напад и за плус шест, што беше реализи ран за 20-14.
Првото полувреме заврши со резултат 21-17, откако Катарците имаа многу среќа во последниот напад.
Концентрацијата како да попушти за момент кај македонските играчи, индивидуализмот зема замав на почетокот на вториот дел и тие не искористија неколку шанси да поведат со над пет гола и можеби да го прекршат мечот. Напротив неискористените шанси го вратија назад Катар во игра на 20-22. Но, концентрацијата за среќа не попушти кај селекторот Лазаров кој убаво го изменаџира овој краток период и Македонија се врати на добра патека.
Марко Стојковиќ играше одлично во одбрана во вториот дел се до еден несмасен старт за кој доби директен црвен картон во 40 минута.
Македонија водеше три до четири гола разлика во првите 15 минути. Во 45 минута Катар намали на 26-29, а потоа директен црвен картон доби нивниот играч Амин Гехес.
Веселин Вујовиќ побара втор тајм аут во 48 минута откако Македонија поведе со 33-28.
Жарко Пешевски беше во елемент и со два врзани гола ја одведе Македонија до 35-29 на десет минути до крајот.
На пет минути до крајот, Катар намали на 32-36 отако претходно Македонија во два наврата пропушти да поведе со плус седум.
Филип Кузмановски промаши пенал при 32-36, намалија и на 33-36, но Никола Маркоски со својот трет гол ги смири страстите и ја врати Македонија на плус четири пред Вујовиќ да го побара и последниот тајм аут, на почетокот на 58 минута.
Но, Македонија имаше голема предност и бодовите беа веќе запишани.