Македонија и Катар утре се среќаваат на натпревар што ќе одлучи како ќе изгледа конечниот пласман во Групата 2 од главната рунда, следствено и пласманот.
Македонија игра одличен мундијал. Двапати реми со екипи што беа фаворити, еден пораз зад кој останаа многу неодговорени прашања и една победа. Следи споменатиот Катар и дуелот со топ фаворитот Франција.
Селекторот Кирил Лазаров, македонските ракометари, фанови и федерација имаат зошто да бидат задоволни од настапот на нашиот тим, иако на крајот бројките можеби нема да го пресликаат на вистинскиот начин настапот во Вараждин.
Ако го исклучиме дуелот од последното коло во кој Франција е фаворит против кого добар резултат не е сензација туку чудо, тогаш сѐ се сведува на утрешниот меч. Со победа утре би можеле да го освоиме четвртото место во групата, иако и тоа е дискутабилно. Но, сигурно не би биле последни во групата.
Но, ако утре не успееме да освоиме бод против Катар и ако не се случи чудо со Франција сигурно ќе бидеме последни во групата и на крајот ќе бидеме во распоредот од 21-24 место.
Нема да има разигрување за репрезентациите од 9-24 место. Финансиски хазард и за играчи и навивачи е кога СП се игра во градови што се и по 2.000 км оддалечени еден од друг да се организираат дуели за прецизно да се знае кој заслужил да биде 19, а кој 20 место.
СЛЕДНО КОЛО - ЧЕТВРТОК (23.01.2025)
15:30 МАКЕДОНИЈА - КАТАР
18:00 ХОЛАНДИЈА - ФРАНЦИЈА
20:30 УНГАРИЈА - АВСТРИЈА
ПОСЛЕДНО КОЛО - САБОТА (25.01.2025)
15:30 ХОЛАНДИЈА - АВСТРИЈА
18:00 УНГАРИЈА - КАТАР
20:30 МАКЕДОНИЈА - ФРАНЦИЈА
Екипите што ќе завршат на третото место во секоја група од главната рунда ќе бидат рангирани на позиција од 9 до 12 место.
Екипите што ќе завршат на четвртото место во својата група од главната рунда ќе бидат рангирани од 13 до 16 место.
Екипите што ќе завршат на петтото место во групите во главната рунда ќе бидат рангирани од 17 до 20 место.
Екипите што ќе завршат на последното, шесто место во групите ќе бидат рангирани од 21 до 24 место.