Претпоследниот противник на Македонија на тековното првенство е репрезентацијата на Катар, од клупата предводна од Веселин Вујовиќ, на теренот од вонсериоскиот бек од Куба, Франкис Карол Марзо.
Катар има одличен тим, малку повозрасен, но квалитетот на тие играчи му даваат на Вујовиќ многу опции за игра и во напад и во одбрана.
На првиот натпревар што го одиграа во Вараждин имаше драма, имаа реми во џеб на три секунди до крајот, но последниот шут влезе во голот.
„Jа следам македонската репрезентација подолг период и слободно можам да кажам дека тоа што го прикажува овде, тоа е голем чекор кон модерниот ракомет. Начинот на кој играат, на кој трчаат и се борат, тоа е сериозен напредок. Мислам дека Кире можеби можеше да повика поквалитетни ракометари, но тој избра играчи кои се поперспективни и тоа е сосема ОК.
Тоа што јас морам прво да го направам е да го кренам тимот, како физички, така и на психолошки бидејќи не е исто Кузмановски да даде гол за реми од 13 метри и ние да примиме гол од девет метри за пораз. Мораме да се вратиме за да можеме да одиграме квалитетно, мислам дека Македонија како ривал повеќе ни одговара во споредба со селекцијата на Холандија која игра премногу брзо. Задоволен ќе бидам ако одиграме како што знаеме, не знам дали тоа ќе биде доволно за победа, но ако играме на највисоко ниво јас ќе сум среќен, без оглед на конечниот исход, ако загубиме ќе честитам. Тешко е да се прогнозира, но ако морам би рекол дека Македонија е благ фаворит, но во секој случај ќе биде интересно и неизвесно и нека победи подобриот“, прокоментира Веселин Вујовиќ.