Кузмановски со сирената за ново реми на Македонија



МАКЕДОНИЈА – АВСТРИЈА 29-29 (13-14)

Битката за подобар пласман на СП, македонската репрезентација ја почна денеска со дуел против репрезентацијата на Австрија, второпласираниот тим од групата која од Пореч допатува во Вараждин. Еурофијата на трибините ја снема, иако и натаму групата на македонски фанови што остана во Вараждин беше побројна.
Македонија и Австрија во моментов се екипи во кои нема изразити шутери од надворешните позиции, па битката од почетокот се сведе на дуелите на линијата. Македонија поведе со 3-1 и 4-2.
Голманот Константин Мостл и бекот Лукас Хутечек ја одржаа Австрија во игра но и во нашиот тим Митревски беше одличен, а Кизиќ одбрани седмерец по кој Македонија остана на плус две и по 15 минути (5-3).




Марко Митев постигна гол за 6-4 и изнуди исклучување, по тоа преку Лазаревски прв пат стигнавме со плус три (7-4). Само за момент бевме комотни и Австрија се врати во игра и израмни на 7-7.
Марко Митев и Фили Кузмановски ја вратија Македонија на плус два (9-7) по што селекторот на Австрија, Алеш Пајовиќ побара тајм аут.
Митев го постигна својот четврти гол за водство на Македонија од 10-7, по што Австрија премина на игра 7 на 6. На пет минути до крајот на полувремето беше 11-9 за Македонија, а во 28 минута имаше израмнување (11-11). Кирил Лазаров побара тајм аут во 29 минута откако Австрија за прв пат на натпреварот успеа да поведе (12-11). На крајот на полувремето беше 14-13 за Австрија која имаше и малку повеќе среќа со последниот шут.




Австрија го претвори првиот напад во вториот дел во водство од 15-13, потоа и 16-14. Марко Кизиќ застана на голот во вториот дел и веднаш запиша две одбрани, но тоа беше дооволно за да ја одржи Македонија во игра и ритам, за пресврт ни требаше поинаков ритам на натпреварот. Нападите на Австрија беа бавни и долги, а кога се игра 7 на 6 со толкаво трпение, тогаш се отвораат шанси. Изнудија два пенала во првите шест минути со кои се одржаа на плус два Австријците.
Македонија израмни на 17-17, изнуди и исклучувањ и се разгоре битката. Потоа следеше одбрана на Кизиќ и гол на Џонов на празна мрежа и Македонија повторно водеше.

Кратко траеше радоста, Австрија искористи наша нерешителност во нападот и се врати во водство во 42 минута по што мечот влезе во игра гол за гол, но без особен ритам, туку преку рововско надмудрување.
Пајовиќ и натаму форсираше игра „7 на 6“ и успеваа да најдат решение, иако во 50 минута кога побара тајм аут беше 22-22. 
Пресврт донесоа Џонов и Велковски кој конечно го казни празниот гол на Австрија. Потоа Велковски се покажа и како десно крило и Македонија го одбрани водство во 53 минута (25-24).
Костески со играч плус не доведе во водство од 26-25, а Австрија мораше да игра 6 на 6 без голман. Имаа среќа одбиената топка од блок да се врати во нивните раце и да израмнат и во меѓувреме да се комплетираат.

Пешевски играше одлично во вториот дел и изнуди пенал во 59 минута при резулат 27-27, пенал што за жал Кузмановски не го искористи. 
Потоа и на спротивната страна беше досуден пенал што Австрија го реализираше и поведе со 28-27. Македонија тргна по реми во последните 60 секунди. Митев погоди за 28-28, но имаа доволно време и противниците да организираат напад што го решија со погодок на Хутечек за 29-28. 
На Македонија и останаа само четири секунди за последен напад , а Филип Кузмановски со проектил од 13 метри го реализираше за реми 29-29.
 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk