Кузмановски: Со респект кон Гвинеја кон вториот круг



Македонија против Гвинеја, меч со кој треба да обезбедиме и математички пласман во Главната рунда. Од досега виденото не би требало да имаме проблеми, но респект кон противникот каков и да е, е респект кон спортот генерално и македонскиот играчи тоа правило мораат да го почитуват.

„Уште пред почетокот на првенството, откако ги дознавме противниците, почнавме со подготовки. Очекувано, поголем фокус имавме на Унгарија и на Холандија, искрено жалиме што не забележавме барем една победа на стартот. Многу ќе ни значеше победа на тој дуел со Унгарија, но не се сомневам дека оваа репрезентација на Македонија има многу добар квалитет и тоа ќе го покаже во иднина. Пред нас е дуелот со Гвинеја, меч на кој сакаме да победиме и да одиме во вториот круг. Одиме чекор по чекор, фокусирани сме прво на Гвинеја, а потоа и на следната рунда каде што ќе се бориме со Австрија, Катар и Франција. Верувам во нашата репрезентација, дека со играта што ја прикажуваме и со поддршката од нашите фантастички навивачи ќе стигнеме уште до некоја победа во главната фаза“, истакнува Кузмановски.

Вараждин е одново црвено-жолт, Македонија како да игра на домашен терен.

„Голема благодарност до нашата публика, луѓето кои дојдоа во толку голем број, се чувствуваме исто како да се игра во Скопје. Мислам дека нашите учества на овие натпреварувања се празник за сите во Македонија, ја чувствуваме таа поддршка што ни создава позитивна атмосфера, навистина е прекрасно да се игра пред толкав број македонски навивачи и кога заедно ќе ја пееме химната, тоа е една посебна енергија. Унгарија и Холандија се поквалитетни селекции со нас, но на сите им покажавме дека бодрени од нашите верни навивачи можеме да се носиме со секој противник.

Следен противник е Гвинеја, аутасајдер, но Македонија мора да ја игра својата игра без оглед на противникот.

„Имаме еден бод по првите две рунди, можеше и повеќе, но во секој случај сме задоволни од играта што ја прикажавме. Сега на ред е дуелот со Гвинеја, селекција што можеби е аутсајдер во групата, но што сигурно нема да ја потцениме. Знаеме колку е важно, ќе сториме се за да победиме и да се пласираме во следната фаза. Кога ќе споредиме европскиот ракомет и селекциите кои доаѓаат од Африка, има многу разлика, но ниту еден противник на светските првенства не смее да биде потценет бидејќи се има изборено со голема борба за билет на овој мундијал. Ние сме подготвени, секој што е овде сака да го даде максимумот за нашата држава и верувам дека ќе успееме да ја израдуваме Македонија“, вели нашиот капитен.

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk