Селекторот Кирил Лазаров ја имаше одлично подготвено екипата за дуелот со Унгарија и заслужи десетка за својата работа. Сега имаме силен противник, за кого немаше толку време да анализира и подготви противигра. Холандија е овде во предност, затоа што тие во првото коло имаа тренинг со Гвинеја и генерално многу време да се спремат за Македонија. Дали и како го искористиле, ќе покаже вечерашниот натпревар.
„Ќе играме со топ-репрезентација, која игра сосема поразличен ракомет од Унгарија, што ако треба да споредуваме реално помалку ни одговара како стил на игра. Тоа не значи ништо бидејќи ние мораме да го одработиме нашиот дел од задачата, да играме онака како што ќе замислиме.
Ме радува што имаме добра атмосфера, што момците работат напорно и што тоа го покажаа на првиот натпревар. Ќе ни треба слично издание и против Холандија, да бидеме на највисоко ниво, да се бориме и да не гледаме кон резултатот. Ќе ни треба помош од „фалангата“ уште од првата минута, верувам дека нашите навивачи ќе го препознаат тоа и ќе ни дадат поддршка за овој меч да го одиграме онака како што сите заедно посакуваме.
Се среќаваме со противник кој има бековска линија од ПСЖ и од Флензбург, кој инсистира на брза игра, повторувам, тоа е топ-репрезентација, коефициентите ја прават голем фаворит, но тоа е во ред, ние сме фокусирани на сопственото издание и верувам дека ако бидеме на посакуваното ниво ќе можеме да се надеваме на позитивен резултат. Заморот од дуелот со Унгарија нема да има никакво влијание, кога ќе почне едно Светско првенство зборот замор не постои, проработува адреналинот“, истакнува македонскиот селектор.