Спремете се, денеска игра Македонија



Црвено-жолтата боја и песните на македонските навивачи го разбиваат зимското сивило во студениот Вараждин во пресрет на вечерашната пресметка со репрезентацијата на Холандија, втор меч на Македонија на СП.
Натпреварот почнува во 18:00 часот и ќе биде директно пренесуван на МТВ. 

Најмногу стравувавме од Унгарија и нивната робусна и силна одбрана, но тој меч мина многу подобро од очекувањата и сега тие се зголемени, а противникот со кого денеска ќе играме не е нималку послаб во поглед на квалитет. Стилот на игра е многу различен. Немаат таква одбрана, иако знаеме како „удира“ вардарецот Коиј кој сигурно ќе има важна улога вечерва. 
Холандија е брза и технички дотераната екипа во која главниот збор го има „малиот“ Лук Стејнс, ракометарот кој ја креира играта на Пари Сен Жермен. Лево од онего игра Дани Бајенс, соиграч од ПСЖ, а десно веројатно нивниот најдобар играч, Каи Смитс. Имаат одличен голмани во Барт Равенсберген и Марк Доргело и нова ѕвезда на крилната позиција, а тоа е Рутхер Тен Фелде од германскиот тим Гепинген. На позиција на десно крило игра Ален Смит, а пикер  е вардаровиот играч Коиј. За разлика од пред две години, сега имаат и подобро оспособени играчи во ротација, а тоа на селекторот Штафан Олсон му дава повеќе опции, особено во напад. 



Голманот Равенсберген беше еден од најдобрите играчи на Холандија кога пред две години славеа над Македонија на СП во Краков. Имаше одлична партија во првото коло, иако Гвинеја не е добар показател за квалитет. За Равенсберген ќе додадеме дека тоа му беше прв официјален меч по неколкумесечна пауза порди повреда. Неговата алтернатива е Доргело. Тој е Данец, играше за младинските екипи на Данска, но едниот родител му е Холанѓанин, па се реши за портокалова варијанта. Логично, конкуренцијата на голот во Данска е страшна. Доргело е познат како специјалист за седмерци. 
Кај Смит нивната најголема ѕвезда имаше срцеви проблеми и долго време беше вон терен. Не се врати највисоката форма, но се работи за врвен играч што решава со еден потег. 

Мотивација и борбеност нема да и недостига на Македонија, но ова ќе биде меч каде што една друга карактеристика треба да избие во преден план. Тоа е дисциплината. Залудна ќе биде секоја мотивација и борба, ако тие постигнуваат лесни голови. А лесни голови се заштитниот знак на нивната игра. 
Македонија ќе мора да биде двојно повнимателна и подисциплинирана во нападот за да не губи топки, а транзицијата напад - одбрана на највисоко ниво. Имаме и ние брзи играчи, но не е препорачливо да се прифати наттрчување со нив. Најдобро би било што повеќе да ги примораме да играат на поставена одбрана, па од таму да се гради противигра. 
Нема дилеми дека Штафан Олсон ќе си ја одработи домашната и дека и тие ќе бидат спремни на нашата игра. Колку алтернативи од веќе виденото има Лазаров на располагање, ќе видиме вечерва. 
 

Поврзани вести

Ви се допаѓа текстот?
Кликнете Like на нашата FB страница и станете дел од g-sport.mk