Македонија и Холандија пред две години во Краков ги одмеруваа силите, а победата релативно лесна беше за портокаловиот состав.
Две години подоцна, македонскиот тим со грото исти играчи е поинаква приказна. Дали тоа ќе биде доволно за поинаков епилог, ќе видиме. Противниците се фаворити, но нашиот тим посебно по дуелот со Унгарија веќе има поголеми апетити.
„Максимално сме фокусираме на Холандија, мечот против Унгарија го оставаме зад себе. Максимално сме мотивирани, би било жално да не сме, кога имаме поддршка од толкав број на навивачи, а најавите се дека ќе дојдат уште повеќе. Ќе излеземе на терен со ладни глави, максимално мотивирани и верувам дека ќе стигнеме до добар резултат. Холандија е анализирана од претходно. Играат поинаков ракомет, може да се каже дека многу се побрзи, имаат одлични индивидуалци, ќе биде сосема различен натпревар. Ние сме подготвени, имаме свои шанси против нив. Во Краков беше една друга репрезентација, многу од овие играчи што се тука, тогаш беа на своите почетоци, сега сме поискусна репрезентација. Ќе решаваат нијанси, тој што ќе направи помалку грешки ќе го добие мечот“.