Македонија во период од една недела одигра рамнорпавно со две признати сили во светскиот ракомет, Хрватска и Унгарија. Борбеност и високо ниво ја красеа нашата игра и на двата меча, а утре пред тимот е нов предизвик, малку поинаков - Холандија.
Оваа екипа благодарение на дуото Лук Стеинс и Каи Смитс од бековската линија и новата ѕвезда Тен Велде игра многу брзо и утре покрај борбеноста ќе има и многу надмудрување, наттрчување и надигрување.
„Утрово сѐ уште постоеше тага и разочарување кај голем дел од ракометарите, за пропуштената шанса против Унгарија. Сепак, како што минува денот тоа го снема и сега целосно сме фокусирани и максимално мотивирани за дуелот со Холандија.
Сепак, во составот имаме играчи кои добивале важни натпревари, кои исто така и губеле важни средби во своите кариери и знаат како да преболат спортски разочарувања. Не се сомневам дека стопроцентно ќе влеземе во следниот меч“, истакна Кире Лазаров.
„Јас ќе бидам задоволен ако излеземе на терен и ако се бориме 60 минути, како што се боревме со Унгарија и претходно на контролата со Хрватска. Важно ќе биде и да не гледаме кон семафорот, да играме онака како што знаеме и умееме од првата минута, без разлика дали ќе сме во водство или во негатива.
Очекувам и голема поддршка од публиката, од самиот почеток да ни даде импулс и ветер во грб, да заиграме онака како што знаеме. Ако тоа се случи, верувам дека ќе биде добро, иако морам да повторам дека против себе ќе имаме една исклучително квалитетна репрезентација“, вели Лазаров.