Машката репрезентација на Македонија денеска ќе го игра првиот натпревар на Светското првенство во Хрватска во кој ќе се сретне со тимот на Унгарија со почеток од 20:30 часот, а натпреварот ќе биде директно пренесуван на МТВ.
Претходно во нашата група ќе се игра и дуелот меѓу селекциите на Холандија и Гвинеја по кој ќе имаме појасна слика и за нашите следни противници, особено за репрезентацијата од Африка која е непознаница за европските ракометари.
Унгарија е фаворит, таа е екипа составена од играчи што играат во доброорганизираните унгарски екипи какви што се во прв ред Пик Сегед и Веспрем, кобинирани со неколку интернационалци.
Првите ѕвезди на екипата се голманот Роланд Миклер кој прави разлика и на натпреварите од Лигата на шампионите, а него посебно го предомислуваа по најавената пензија да одигра барем уште еден шампионат. Мате Лекаи на централната бековска линија носи сигурност, а околу него се Бодо, Лигетвари и новата ѕвезда на бековската линија, Зоран Илиќ.
На крилната позиција го имаат младиот Бенце Имре кој беше откупен од Кил и тоа зборува повеќе од секој комплимент доделен за него.
Пивотменската позиција на која се Рошта, Сипош и Банхиди е особено силна во двата правца и таа ќе биде голем проблем не само за нашиот, туку и за многу посилни екипи.
Предводени се од Чема Родригез, еден од подобрите и поскромните шпански тренери. Како играч имаше одлики на многу интелегентен ракометар, а сега тоа знае да го преслика и како тренер.
На првиот натпревар екипите понекогаш не играат на своето највисоко ниво и тука ја гледаме најголемата шанса за македонската репрезентација да биде рамноправна на овој дуел и да се обиде да направи изненадување.