Македонската репрезентација утре го игра првиот мундијалски натпревар, а противник ќе ни биде Унгарија, репрезентација која селекторот Кирил Лазаров добро ја познава, нивниот ракомет, менталитет исто така не се непознати во равенката...
„Одработевме квалитетно во овие подготовки, секоја од трите фази (првата во Стара Пазова, втората во Скопје и оваа третата во Хрватска) послужија за она што за што беа замислени, мислам дека растевме како репрезентација и подготвени го дочекуваме овој мундијал. Секој од натпреварите, без разлика на конечните резултати, ни послужи да одработиме на одреден дел од нашата тактика и како селектор сум задоволен од она што го видов“, изјави Кире Лазаров.
„Реков и по тој натпревар, многу ме израдува покажаниот карактер на тој дуел со Хрватска, фактот дека се боревме од првата до последната минута. Ние сме млада репрезентација, но тоа е начинот на кој треба да играме и да го негуваме и на овој шампионат, но и во иднина. Хрватите со квалитетот се приближни на нашиот утрешен прв ривал и очекувам слично издание и на тој натпревар, од аспект на храброст и борбеност во текот на сите 60 минути“, вели македонскиот селектор.
„Унгарија е спортска земја, слободно можам да кажам и ракометна земја, со две екипи учесници во Лигата на Шампионите за кои играат поголемиот дел од репрезентативците кои ќе настапат во Вараждин. Многу добија со доаѓањето Чема Родригез како селектор и носењето на шпански стручен штаб, напредуваат се повеќе од година во година, впрочем резултатите говорат за тоа, беа петти на последното ЕП, а учествуваа и на последните Олимписки Игри. Не би можел да кажам дека имаат слаба точка бидејќи говориме за исклучително комплетна репрезентација што има голем број врвни играчи на сите позиции. Можеме да се надеваме дека тие ќе немаат свој ден, а ние мораме да играме најдобро што знаеме и ако ни се укаже шанса за изненадување, да ја искористиме“, порачува Лазаров.